(Фото) Моника Блажевска сама ги црта креациите и воедно е нивен модел кој најдобро ги презентира

1348 Views Септември 17, 2017 Интервју Редакција Емагазин

Моника Блажевска е млада дизајнерка која освен што сама ги креира производите, и сама ги презентира. Нејзиниот бренд БМ дизајн опфаќа цртање на маици, марами, фустани, наметки, ташни, цртање на чевли, патики и многу други работи. Смета дека уметност и дизајн во едно и е сериозен потег кој треба да се долови на секој обичен гледач кој секојдневно сурфа на интернет.И се допаѓа модата од 60-те, а Одри Хепберн е нејзина инспирација.

БМ Дизајн е уникатен бренд кој постои две години? Како почна приказната?

Со многу работа и труд постоиме веќе две години, односно јас како управител и дизајнер правам се сама од примање нарачка до реализација. Не е случајно да отворам, бидејќи со уметност и дизајн се занимавам од најрани год, средно уметничко, подоцна и дипломиран дизајнер. Сонот ми се оствари, отворив моја галерија на само 25 год. 

Покрај уметничките слики и графичкиот дизајн, веќе една година како новитет се моите уникатни парчиња облека, кој што се сите рачно  нацртани. Најпрвин почнав со цртање на маици па дополнив со уникатни марами, фустани, наметки, ташни, цртање на чевли, патики и многу други работи.

Парчињата гардероба опфаќаат маици, наметки, фустани, марами а од аксесорис и ташни. Што најмногу се продава?

Најмногу се продаваат маиците, најчесто за подарок, се порачуваат портрети, домашни миленичиња ( куче, маче) познати личности итн. Се нарачуваат и  уникатни фустани за различни свечености, матури, свадби. Секој си има своја идеја, со моја помош со клиентот најпрво разговараме околу дизајнот, понекогаш ако е потребно се прави и мала скица и потоа финалната изработка.

Освен што сама ги цртате и сама ги презентирате парчињата гардероба, што е одличен спој бидејќи знаете да ги носите парчињата и најдобро да ги претставите. Дали сметате дека тоа е одлична комбинација за успешна промоција на еден бренд?

Можеме да забележиме дека секојдневно се отвараат нови дуќани, со некои иновативни идеи, нормално секој сака да заработи. Но за да опстанете денес мора да имате и реклама, која што е многу битна, добро да го претставите производот, да привлече внимание за да може потоа да се продаде. Во мојот случај јас ги презентирам моите уникатни парчиња, сепак се работи за рачна изработка, уметност и дизајн во едно и тоа е сериозен потег кој треба да се долови на секој обичен гледач кој секојдневно сурфа на интернет.

Каков е вашиот стил приватно и која е пораката до девојките кои се уште се во потрага по својот стилски идентитет?

Мојот стил со еден збор е баш „уметнички“. Сакам да носам работи кои другите не ги носат. Поголемиот дел од денот го поминувам работно, но сепак сакам да изгледам средено. Омилено парче ми е суќна со висок струк, во било каква боја само да е со висок струк во комбинација со нацртана маичка, или пак носам фустан. Не сакам панталони, фармерки, ретко носам, можеби два пати годишно. Исто така имам пар чевли кои што се нацртани, па така од се по нешто на мене поврзано со мојата работа , претставува една „подвижна реклама“. Ми се допаѓа модата од 60-те години и Одри Хепберн како моја инспирација.

БМ Дизајн може да се најде во Беверли Хилс, дали го има и на други продажни места?

Мојата галерија се наоѓа во Т.Ц. Беверли Хилс, моментално само на оваа локација. Се надевам дека постепено ќе се зголемува мојот бизнис, со тоа и моите делат ќе заслужат повеќе простор.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

Најчитани вести