Загрижувачки податоци: Констатирана катастрофално лоша исхрана на децата во градинките

570 Views Септември 20, 2017 Наша тема Никола Осило

Во согласност со предвидените активности од Националната програма за јавно здравје за 2016 година, во Центрите за јавно здравје во РМ се спроведени испитувања за нутритивна процена на исхраната во предучилишни и училишни установи.

Направена е анализа на биолошкиот квалитет на исхраната на деца на возраст од 4-5 години во предучилишните установи во текот на четири сезони во сите десет центри за јавно здравје во Македонија.

Анализирана е исхраната што децата ја добиваат во градинките како појадок, ручек и ужина во текот на пет дена во неделата, во период на четири сезони во годината, за да се добие просечен дневен внес што е спореден со физиолошките препораки за деца од четири до петгодишна возраст.

Резултатите покажуваат дека просечната енергетска вредност во дневниот оброк кај предучилишни деца во земјата е 1.011 килокалории, која е под минимумот и не одговара за задоволување на 75 отсто од физиолошките потреби за таа возраст (препорачанa е вредност од 1.200 килокалории).

Во Институтот за јавно здравје велат дека дека особено е загрижувачка состојбата во градинките каде што енергетската вредност на дневниот оброк е под 1.000 килокалории, а така е речиси во половината на регионите што ги покриваат центрите за јавно здравје. Оттаму додваат дека недостигаат прехранбени производи со содржина на висококвалитетни белковини важни за исхраната на децата.

„Кога станува збор за мастите со висока нутритивна вредност, како што се млечните масти (млеко и производи од млеко), масти од риба и јајца, се констатира дека сѐ уште не се доволно застапени во дневниот оброк кај овие деца. Од Институтот потенцираат дека бидејќи станува збор за деца на возраст од 4 до 6 години, каде што има интензивен раст и развој, потребно е да се направат соодветни корекции за надминување на овој проблем“, се вели во извештајот на ИЈЗ.

Од друга страна, заситените масти се застапени со 11,9 отсто од вкупниот дневен внес, што е над препораките од најмногу 10 отсто и е повисоко од застапеноста во 2015-та од 11,1 отсто.

Според добиените податоци, внесот на јаглехидрати, со просек од 54,7 отсто од вкупната енергија, е на линија на препораките (50-55 отсто од вкупниот внес). Простите шеќери (моно и дисахариди) се застапени со 21,3 отсто од вкупниот дневен енергетски внес и тоа е двојно над препораките од најмногу 10 отсто.

„Иако вкупниот внес на јаглехидрати се приближува кон препорачаните вредности, треба да се зголеми внесот на јаглехидрати со потекло од интегрални жита, свежо овошје и зеленчук поради нивниот зголемен квалитет и биодостапност во овој вид производи, како и дека треба да се намали внесот на прости шеќери, најмногу внесувани преку шеќерни концентрати приготвувани со сахароза“, се вели во извештајот.

Според резултатите за застапеност на минералите во дневниот оброк, дел од минералите отстапува од физиолошките норми за внес во градинка.

„Калциумот како есенцијален нутриент во развојот и улогата што ја има во спречувањето болести има намален внес во однос на физиолошките норми за таа возраст (препорака е 450 милиграма на ден). Внесот на цинк е двапати помал од препорачаниот дневен внес во градинка и таа ситуација треба да се подобри преку зголемен внес на месо, риба, јајца и млеко (препорака за цинк е 6,5 милиграма на ден). Натриумот, пак, има зголемен дневен внес во однос на препораките и е знак за зголемен внес на сол преку грицки и месни преработки (препорака за натриум е 700 милиграма на ден)“, се вели во извештајот.

Во Институтот за јавно здравје потенцираат дека свежото овошје и производи од овошје се недоволно застапени со 82 грама на ден, од кои на свежо овошје отпаѓаат само 60 грама на ден.

„Групата на месо, производи од месо, риба, јајца и легуминози се дава најчесто 3-4 пати неделнo, од кои месото е застапено со 30 грама на ден, рибата е недоволно застапена, само со 5 грама на ден, јајцата само со 13 грама на дена. Групата на шеќери и слатки е застапена во просек со 20 грама на ден, а внесот на сол од приближно 3,5 грама на ден е над препораките за оваа популација, од најмногу 3 грама“, се вели во извештајот.

Се препорачува вработените и раководните кадри во градинките да опстојуваат во напорите на децата да им се презентира храната што е препорачано да се јаде, а не онаа што децата ја претпочитаат, со цел децата да добијат нутритивно богата храна, а не калории од нутритивно сиромашни производи, кои често ги добиваат во форма на ужинки.

„За таа цел, градинките треба да бидат опремени со кадар и средства што ќе овозможат да се посвети потребното внимание за исхраната на децата заради стекнување навики поврзани со намалување на ризиците од појава на болести поврзани со исхраната во подоцнежниот период од животот“, се вели во извештајот.

Фото: national review

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!