Што пишува во предлог-законот за амнестија?

1890 Views Септември 20, 2017 Македонија Никола Осило

Новиот Закон за амнестија се предлага како израз на добра волја на државата кон одредена група на правосилно осудени лица, а со цел за нивна ресоцијализација и растеретување на затворите од прекумерниот број на лица кои се наоѓаат на отслужување на затворска казна воедно имајќи ги во предвид и условите во казнено-поправните установи во државата, пишува во образложението на предлог-законот за амнестија до кој дојде еМагазин..

Член 1

Со овој закон се уредува ослободувањето од извршување на казна (во натамошниот текст: амнестија) на: - лицата осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со Кривичниот законик или други закони, кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале со издржување на казната затвор во казнено-поправните установи во Република Македонија,

- на лица осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со кривични закони на друга држава доколку сторителот е државјанин на Република Македонија и казната ја издржува во Република Македонија врз основа на извршување на кривична пресуда на странски или меѓународен суд,

- осудени лица кои на денот на влегувањето во сила на овој закон не започнале со издржување на казната затвор; Целосно се ослободуваат од издржување на казната затвор лицата осудени за дела кои на денот на влегувањето во сила на овој закон повеќе не претставуваат кривични дела.

Член 2

Осудените лица од членот 1 на овој закон на кои им е изречена казна затвор до шест месеци, потполно се ослободуваат од издржувањето на казната. Сите други осудени лица од членот 1 на овој закон се ослободуваат од издржување на 30% од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.

Член 3

Амнестијата не се однесува на лицата осудени:

- на казна доживотен затвор;

- за кривично дело Убиство од член 123 од Кривичниот законик;

- кривични дела против избори и гласање (член 158-165-в) од Кривичниот законик;

- за кривични дела против половата слобода и половиот морал и тоа: (член 186, член 187, член 188, член 189, член 191, член 191-а, член 193, член 193-а, член 193-б и член 194) од Кривичниот законик; - за кривични дела против државата (член 305-327) од Кривичниот законик;

- за кривични дела злосторничко здружување (член 394-394-г), од Кривичниот законик;

- за кривичните дела против човечноста и меѓународното право (член 403- 418-а и од 418-в до 422) од од Кривичниот законик.

Член 4

На амнестија не подлежат правосилно осудени лица за кои до денот на влегување во сила на овој Закон е наредено издавање на потерница поради нивна недостапност на органите на кривичниот прогон. На амнестија не подлежат и лица кои делата предмет на амнестија ги сториле по 20.09.2017 година. Судијата за извршување на санкции е должен во рок од три дена од влегување во сила на овој Закон, писмено да го извести судот кој е надлежен да постапува, за постоење на околности од ставот 1 на овој член.

Член 5

Постапката за примена на овој закон за осудените лица кои се наоѓаат на издржување казна затвор, се поведува по службена должност од страна на казнено-поправната установа. Постапката за примена на овој закон за осудените лица кои не отпочнале со издржување на казната затвор, поведува судот што ја донел првостепената пресуда по службена должност, по барање на јавен обвинител или по бараење на осуденото лице.

Решението за амнестија според одредбите на овој закон го донесува судот што ја донел првостепената пресуда, во рок од пет дена од денот на приемот на барањето во судот. Против решението од став 3 на овој член, жалба можат да поднесат осуденото лице и лицето кое во корист на осуденото лице може да изјави жалба, во рок од 24 часа од прием на решението. а јавниот обвинител само по однос на процедурални прашања поврзани со донесувањето на решението за амнестија.

По жалбата против решението на првостепениот суд одлучува непосредно повисокиот суд, во рок од 48 часа. Жалбата од став 4 на овој член не го задржува извршувањето на решението.

Член 6

Доколку со овој закон не е поинаку определено, во постапката за спроведување на овој закон се применуваат одредбите од Законот за кривична постапка.

Член 7

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“. 

Фото: SOFREP.com

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!