Барајте си К-15, компаниите имаат уште три месеци да го исплатат

764 Views Септември 21, 2017 Наша тема Камелија Делија

Како што е веќе познато, приватниот сектор до крајот на годинава треба на вработените да им исплати регрес за годишен одмор или К-15. Работодавачите кои тоа не го сториле досега, ќе треба во следните три месеци да ја исполнат оваа обврска која е уредена со Општиот колективен договор за приватниот сектор.

Со оваа обврска се опфатени работниците кои најмалку шест месеци работеле кај ист работодавач, а им следат средства во висина од најмалку 40 проценти од основицата.

Во Спогодбата за измени на Општиот колективен договор што ја потпишаа Сојузот на синдикати на Македонија и Организацијата на работодавачи се дава можност да се исплати регрес на годишен одмор и во поголем износ доколку можностите на компанијата го дозволуваат тоа, а во оние фирми кај кои настанале потешкотиии во работењето по задолжителна претходна консултација со синдикатот, може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со договорот.

Обврската за задолжителна исплата на К-15 стапи на сила во 2014 година кога на вработените во приватниот сектор како средства за годишен одмор им беа исплатени по околу 8.400 денари.

За минатата година, тој износ беше најмалку 8.909 денари, а најмногу до 13.116 денари – 40% од просечна бруто плата објавена во тековниот месец 32.789 денари.

Имајќи го предвид зголемувањето на минималната плата од 10.080 на 12.000 денари и значајниот раст на просечната бруто и нето плата по вработен во Македонија, се очекува дека работниците на крајот од годината да добијат поголем износ во однос на оној минатиот декември.

Доколку направиме груба пресметка врз основа на последните податоци за износот на просечната нето/бруто плата во Македонија кои ги објави ДЗС во август, излегува дека К-15 би изнесувал минимум до 9.123 денари – 40% од износот на просечната нето плата по вработен 22.808 (јуни), односно максимум до 13.403 денари – 40% од износот на просечната бруто плата по вработен 33.509 (јуни).

Сепак, за конечниот износ на К-15 ќе треба да почекаме до месец декември.

ИСКЛУЧОЦИ

Има исклучок за одредени работодавачи според Договорот. Така кај работодавачите кај кои настанале потешкотии во работењето, ценејќи ја економско - финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација, може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективен договор.

Оваа одредба стапи на сила во јули годинава. Кај работодавачите во кои нема формирано синдикат спогодбата се потпишува со избран претставник од работниците. Правниците велат дека со најновата спогодба донесена во јули годинава обврската за исплата на регрес на годишен одмор останува.

„Само една ипол година по воведување на регресот за годишен одмор како задолжителен надоместок којшто им се исплатува на вработените во приватниот сектор со минимален износ од 40% од просечна месечна нето плата по работник во Македонија исплатена во последните три месеци, на 14.07.2015 година следуваше нова измена на Општиот колективен договор (Спогодба за изменување и дополнување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството) токму во одредбите за регресот од членот 35 став 1 алинеја 7.

Во овој дел се внесоа уште две одредби со кои задолжителниот минимален износ на регресот станува нездолжителен за работодавачите кај кои настанале потешкотии во работењето.

Попрецизно, се предвидува можност да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од 40% од просечна месечна нето плата по работник во РМ исплатена во последните три месеци, доколку се исполнети следните услови: да се работи за работодавачи кај кои настанале потешкотии во работењето, ценејќи ја нивната економско - финансиска состојба, да е извршена задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка односно оддел за можното намалување на износот на регресот и  со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација да е утврден регрес за годишен одмор во помал износ од 40% од просечната месечна нето плата по работник во РМ исплатена во последните три месеци.

Алтернативно решение: Кај работодавачите во кои нема формирано синдикат спогодбата се потпишува со избран претставник од работниците„, се вели во објаснувањето од консалтинг Про Агенс.

КАЗНИ ЗА ТИЕ ШТО НЕМА ДА ИСПЛАТАТ К-15

За фирмите кои нема да исплатат К-15 е предвидена вкупна казна од 4.000 евра, но со најновите измени на Законот за прекршоци таа се намалува за одреден процент во зависност од големината на фирмата.
Со најновите предложени измени на Кривичниот законик, кои се уште не се донесени, предвидени се казни затвор до три години за работодавачите кои на работниците ќе им исплатат регрес, а потоа ќе си ги побараат парите назад.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови