Блокирани сметките на „Фени“, Владата ветува- комбинатот нема да се затвори

449 Views Септември 21, 2017 Бизнис Камелија Делија

Комбинатот „Фени“ има финансиски тешкотии, но се изнесуваат лаги за состојбата во оваа компанија, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. 

Како што наведе, „Фени“ биле блокирани од „Силк роуд“ банката, и од другите банки, поради неисполнување на финансиските обврски спрема нив, а блокада имало и од доставувачот на руда од Албанија.
 
- Владата е посветена на решавањето на проблемот. Интензивно се разговара и со сопственичката структура на „Фени“ и со менаџерскиот тим на компанијата за да се најде решение како овој проблем да се реши.  Вчера се исплати платата за работниците. Работниците одат на работа, ниту еден нема да биде испуштен од работа, фабриката не престанала со работа, иако го намали својот капацитет на работа за одреден период, изјави Анѓушев, одговарајќи на новинарски прашања по средбата со стопанственици од Пелагонискиот региоон.
 
Посветено работиме, додаде, да најдеме решение како комбинатот да продолжи да работи, се што е во можност на Владата. Но, мора да се каже дека слободниот пазар и приватните капацитети наложуваат дека сопствениците и менаџментот се тие кои први треба да дадат решение, зашто државата може да помогне, но не да се меша во приватните капацитети. А Владата ќе направи се „Фени“ да продолжи да работи, рече Анѓушев.

Од компанијата денеска соопштија дека комбинатот ФЕНИ e во функција, а сметката  e блокирана од деловна банка.

Во соопштението се посочува дека компанијата се соочува со проблеми од 2015 година поради ниската цена на никелот на светско ниво која веќе неколку години е во континуиран пад. Ситуацијата, наведуваат, дополнително беше отежната со блокада на нашата сметка од страна на банка, и покрај претходните договори и вложување големи напори во преговори за изнаоѓање најдобро и најоптимално решение за ситуацијата.

- Поради блокадата на сметката сега имаме проблеми со дневните плаќања и кон други доверители, добавувачи, банки и компаниите кои не снабдуваат со руда, што доведе и до тоа некои од нив да покренат извршни постапки со кои единствено се оневозможува опремата да се продава, но истата е во функција, а со тоа и Комбинатот, односно производните линии се во функција, соопштуваат од ФЕНИ индустри.

Напоменуваат дека досега платите на сите вработени се исплаќале редовно и оти работењето на компанијата и егзистенцијата на вработените се уште не се доведени во прашање.

- Работиме напорно и се надеваме дека брзо ќе се реши ситуацијата, односно дека банките и компаниите ќе ни излезат во пресрет, за да можеме да ја санираме состојбата и да го одржиме Комбинатот во функција, стои во соопштението.

Фото: Вечер

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови