Отворен нов погон во зоната кај Алинци, инвестиција вредна 1,2 милиона евра

207 Views Септември 21, 2017 Бизнис Редакција Емагазин

Во технолошко-развојната зона Алинци кај Прилеп денеска е пуштен во употреба погонот на германската „Инџекшн Молдинг Прилеп“ (ИМП), компанија ќерка на Акомпласт.

Инвестицијата вредна 1,2 милиона евра, најпрво ќе ангажира 17 работници, а како што најавија управителите, во почетокот на идната година ќе биде пуштен во употреба уште еден погон.

Согласно деловниот план, вложувањата за период од четири години би изнесувале до три милиона евра и би се креиларе до 150 нови работни места.  

Специјалност на ИМП е пластично моделирање делови за автомобилската индустрија. 

- Ни беше потребна многу сила за да се состават сите парчиња и во текот на работата стекнавме нови добри искуства. Тука се произведуваат делови од пластика и метал наменети за автомобилската индустрија. Се планира и отворање уште една хала „Инџекшн Молдинг Прилеп“, рече Инес Андре, еден од управителите на компанијата.

Вториот управител на компанијата Франк Михаелис изрази благодарност до претходната, но и до новата Влада за поддршката.

- Има доволно простор за нашите возбудливи идеи и ова е уште една пресвртница на нашата компанија во поновата историја на Македонија. Парите се инвестирани, вработените се обучени и направени се првите нарачки, истакна Михаелис.

Според Патрик Мартинс, претставник на Германската стопанска комора, Германија е најголемиот трговски партнер на Македонија и бројот на германските инвеститори тука значително се зголеми последните години.

- Македонија е една од ретките земји со трговски суфицит со Германија, односот е 2 : 1. Минатата година обемот на трговија меѓу Македонија и Германија изнесуваше 2,8 милијарди евра, стока во вредност од 2,1 милијарда евра била извезена од Македонија во Германија, а стока во вредност од 750 милиони била извезена од Германија во Македонија. Македонија има повеќе од 200 компании со германски капитал, кои вработуваат околу 15.000 лица, напомена Мартинс.

Во зоната Алинци веќе работи компанијата Гентерм, со 1.300 работници, а се гради и погон на фирмата „Вик“. 

Извор/фото: МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови