Албанската радио телевизија почна со емисии и на македонски јазик

Вториот канал на албанската државна радио телевизија РТШ-2, денеска почна со емитување емисии на јазиците на малцинствата, вклучувајќи ги и емисиите на македонски јазик.

- Освен информативната емисија - вести, ќе се емитуваат и документарни емисии, музика, репортажи, образовни емисии, серии со кои ќе се промовираат и ќе се афирмираат културата, обичаите, традицијата и сите останати вредности на малцинствата, изјави Нико Китани, кому, како што вели му припаднала честа да ги презентира првите вести на македонски јазик.

Тој посочува дека емисијата на македонски јазик на РТШ2 ќе се емитува секој ден, од понеделник до петок, со почеток во 17:00 часот и ќе биде во траење од половина час.

- Предвидено е содржината на емисијата да биде: пет до седум минути вести, а во останатите минути ќе се емитуваат прилози поврзани со македонската култура, традиција, обичаи и слично, објасни Китани.

Китани, кој е член на Комитетот за малцинства при Владата на Република Албанија, во 2014 година, ја упати првата Новогодишна честитка на македонски јазик на државната радио телевизија, РТШ.

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

Најчитани вести