Дневно се фрлаат 5.000 тони храна, а половина милион граѓани едвај имаат по еден оброк на ден

660 Views Септември 26, 2017 Беспарица Камелија Делија

Стопанската комора на Македонија со претставници на граѓанската коалиција од асоцијации и здруженија кои ја третираат проблематиката со храна и социјално загрозените лица во Македонија предводена од „Ајде Македонија“, одржа прес-конференција на која беа презентирани препораките за законски измени за овозможување донирање на вишокот храна во Македонија.

Целта на иницијативата е храната наместо да се фрла, да се донира на граѓаните кои имаат проблем да си ја обезбедат.

Анализите велат дека околу 445.000 граѓани имаат проблем да обезбедат храна и во просек имаат по еден оброк во денот, а од друга страна се фрла најмалку 5.000 тони безбедна храна со вредност околу 10 милиони евра, која има потенцијал да нахрани околу 13.000 граѓани со по 3 оброка дневно.

Причината за фрлање на храната лежи во моменталните законски решенија кои го демотивираат бизнис секторот да ја донираат храната, наместо да ја фрлаат.

За да се надмине проблемот со фрлање на храната, Владата на РМ формираше мешовито работно тело составено од претставници на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за храна и ветерина и граѓански организации.

Од досегашната повеќемесечна работа препораките кои се дискутираат се во насока на ослободување на ДДВ на храната која се донира, ослободување од одговорност на донаторите на храна и граѓанските организации, ограничување на повратот на храната со поминат рок на трајност, воведување на едноставна административна процедура за донирање на вишокот храна, воведување рок „најдобро употребливо до“, овозможување донирање на храна со грешки во пакувањето и означувањето која е безбедна за користење и други мерки.

Бизнис секторот на состаноците одржани во Стопанската комора на Македонија даде силна поддршка на мерките и бараше законски измени за овозможување на донирањето на вишокот храна.

Од Стопанската комора на Македонија велат дека главна пречка за донирањето на вишокот храна кај бизнис секторот е стравот од кривична и граѓанска одговорност во случај на незгода со храната која ја донирале. Дополнително, постои претпазливост во случај на незгода да не му се наштети на брендот на производот или производителот.

Затоа, повеќето од бизнисите преферираат да ја уништат храната, наместо да ја донираат.

Ослободувањето од кривична одговорност на донаторите на храна и граѓанските организации кои вршат редистрибуција постои во Италија и во САД, а е препорачана во Извештајот на Економско-социјалниот комитет при ЕУ. Овие законски прописи ја ограничуваат граѓанската и кривична одговорност за процесот на донирање на храна во добра волја, која е безбедна за користење за време на донацијата.

Оваа законска регулатива во Италија ги идентификува граѓанските организации како крајни корисници на донираните производи, при што донаторите на храна се одговорни за безбедноста на храната само пред граѓанските организации, наместо кон поединечни корисници на храната.

Со оглед на тоа што безбедноста на храната е осигурена од граѓанските организации по приемот на вишокот храна, многу бизниси сметаат дека овие одредби им обезбедуваат одредени гаранции на донаторите на храна со кои се стимулира донирањето без да се прави компромис со безбедноста на храната.

Во САД заштита од одговорност при донирање на храна е обезбедена за донатори, граѓански организации и други форми преку кои се донира храна. Постои основа за одговорност само кога станува збор за небрежност или намерно небезбедно постапување со донираната храната.

И во двете земји постојат развиени и систематизирани упатства на добра пракса како да се одвива процесот на донирање на вишок храна.

Во 2016 година Франција беше првата земја во која законски беше забрането уништувањето и фрлањето храна од страна на супермаркетите. Оваа одлука силно одекна во Европската унија и во светот и како таква беше поздравена. Унијата, преку Програмата „Хоризонт 2020“ го започна Проектот „REFRESH“, во кој учествуваат 25 организации од 15 земји од ЕУ и Кина, а целта е до 2025 година да се намали отпадот од храна за 30%. 

Англија се стреми кон слично решение како и Франција со оглед на тоа што таму годишно се фрлаат 15 милиони тони храна, односно третина од она што се произведува.

Од земјите во соседството, Хрватска тоа го реши со Правилник за донирање храна кој успешно се спроведува и покажа одлични резултати, додека во Србија е во тек изработка на закон за регулирање на оваа проблематика, во надлежност на Министерството за земјоделство, а со поддршка на Министерството за финансии.

Извор: Стопанска комора на Македонија

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови