ЕУ ја зајакнува безбедноста на Шенген зоната

279 Views Септември 27, 2017 Бенчмарк Камелија Делија

Европската комисија денеска предложи мерки за зачувување и зајакнување на Шенген-зоната, преку ажурирање на Кодексот за граници на шенгенските земји, со што се зголемува рокот за воведување на привремени контроли на внатрешната граница за моментни потреби од сегашните шест месеци на една година, јави дописникот на МИА од Брисел.

Ваквиот предлог е со цел да се даде одговор на постојаните сериозни закани за јавната политика или внатрешната безбедност во рамки на Европската унија.

Исто така, Еврокомисијата воведува посилни процедурални заштитни мерки за да се осигура дека граничните контроли на внатрешните граници ќе станат исклучок, односно како мерка на последно средство, но ќе се користат само ако е неопходно, ограничувајќи го слободното движење.

Комисијата исто така објави и Информација за мерките кои веќе се преземени за да се одговори на безбедносните предизвици на надворешните граници и во рамки на Шенген зоната, како и Препорака до земјите членки за тоа како подобро да ги применат сегашните правила за привремени гранични контроли.

Првиот потпретседател на ЕК, Франс Тимерманс истакна дека правилата за Шенгенскиот граничен закон за повторно воведување на контролите на внатрешната граница се донесени во различно време, со различни предизвици.

Според заменикот на Жан-Клод Јункер, исклучителните околности што постојат во моментов, како што е зголемената терористичка закана, довеле до тоа да се предложи „Шенгенскиот граничен законик“.

- На земјите членки на ЕУ треба да им се дозволи да дејствуваат во исклучителна ситуација кога ќе се соочат со сериозни закани за нивната јавна политика или за внатрешната безбедност. Ова е начинот на кој ние ќе обезбедиме слободно движење и ќе промовираме безбедност во рамки на Шенген зоната, истакна Тимерманс.

Еврокомесарот за миграции, внатрешни работи и државјанство, Димитрис Аврамопулос, пак, порача дека Шенген зоната е едно од главните достигнувања на европската интеграција и дека ЕУ е целосно посветена „за чување, зачувување и зајакнување на зоната“.

Сепак, според него, отсуството на контрола на внатрешната граница претставува суштината на Шенген зоната, како заедничка област без гранични контроли, но предупреди дека загриженоста за безбедноста е исто така честа појава.

- Затоа мораме да сториме се за да го зачуваме внимателниот баланс меѓу слободното движење и мобилност, од една страна и безбедноста од друга страна. И тоа можеме да го постигнеме само преку координирана и обединета Шенген рамка, која треба да ги вклучи и Романија и Бугарија, додаде Аврамопулос.

Комесарот за безбедносна унија, Џулијан Кинг, порача дека „земјите членки на ЕУ треба да бидат способни да преземат чекори за зајакнување на нивната безбедност, во исклучителни околности, но во рамки што ќе ја почитуваат огромната важност и придобивките од Шенген зоната“.

Во текот на изминатите години, Комисијата презеде неколку чекори за зголемување на безбедноста во рамките на Шенген зоната и за подобрување на управувањето со нејзините надворешни граници. Кодексот за границите на Шенгенот беше изменет во неколку претходни прилики за да се осигури дека ќе ја остварува целта поради која е донесен.

Земјите членки на Европската унија ги искористија шенгенските правила за воведување привремени контроли во рамките на предвидените рокови и услови, почитувајќи го и зачувувајќи го поширокото функционирање на Шенгенскиот систем. Алатките што беа воспоставени досега добро и служеа на Европа, но се соочија со нови безбедносни предизвици, па затоа се појави потреба да се ажурира Кодексот за граници на Шенген зоната и да се продолжат роковите за контрола на внатрешната граница, заедно со други посилни заштитни мерки.

Денешните предлози на Европската комисија ќе ги ажурираат правилата, истовремено осигурувајќи дека тие ќе се користат поефикасно и само во исклучителни ситуации. како мерка на крајна нужда, односно кога е потребно, и пропорционално. Засилените правила исто така ќе ја заострат обврската за соработка со соседните земји членки на Унијата, особено за да се минимизира влијанието врз слободното движење.

Освен тоа, за да се подобри заедничката примена на Кодексот за граници на шенгенските граници и пошироките правила на зоната, повторувајќи го повикот на претседателот Јункер во неговото обраќање за состојбата на Унијата, ЕК го повикува Советот на ЕУ да донесе одлуката со која целосно ќе ги интегрира Бугарија и Романија во Шенген зона, а Хрватска ќе стане полноправна членка откако ќе се исполнат сите критериуми.

Инаку, додека сегашните правила за привремено повторно воведување на контрола на внатрешната граница се покажаа доволни во огромното мнозинство на случаи, временските рокови предвидени во законодавството, можеби не секогаш се доволни кога земјите членки се соочуваат со сериозни закани за јавниот ред и внатрешната безбедност. Поради тоа, Комисијата предлага приспособување на применливите временски рокови според членовите 25 и 27 од Кодексот за граници на Шенген зоната до една година, наместо сегашните шест месеци, а во исто време да се воведат построги процедурални заштитни мерки, вклучувајќи и обврска на земјите членки да проценат дали алтернативните мерки можат поефикасно да ја решат идентификуваната закана и да донесат детална проценка на ризикот.

Според денешните предлози, земјите членки на Европската унија, исто така, ќе можат исклучително да ги продолжат контролите ако заканата продолжува и по една година и кога ќе се преземат соодветни исклучителни национални мерки на територијата, како што е вонредна состојба, за да се одговори на оваа закана. Таквото продолжување би барало препорака на Советот на Унијата.

Во исто време, еврокомесарот за внатрешни работи и мигрција, Димитрис Аврамнопулос, соопшти дека се применува планот за релокација на барателите на азил што пристигнуваат во Грција и Италија, за периодот од септември 2015 година до септември 2017 година.

Врз основа на бројките за пристигнување во тоа време и очекувањата дека тие ќе продолжат со иста стапка, земјите членки на ЕУ се согласија да ја поддржат Грција со преместувањето на 63.302 лица на кои им е потребна меѓународна заштита и Италија со 34.953 лица, односно вкупно околу 98.000 баратели на азил.

Со стапувањето во сила на Договорот ЕУ-Турција дојде и до намалување на нередовните приливи во Грција за 97 проценти, додека поголемиот дел од мигрантите кои пристигнуваат во Италија не ги исполнуваат условите за азил, па бројот на лица кои треба да се преселат се покажа дека е многу помал.

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови