МИА бележи 19 години од емитувањето на првата вест

„Едно лице почина, 17 се повредени во земјотресот во Србија“ е насловот на првата вест што Македонската информативна агенција (МИА) ја емитуваше на 30 септември 1998 година, со што почна редовната продукција на информации до корисниците.

МИА е јавен информативен сервис, основан од Собранието на Република Македонија во февруари 1992 година.

МИА ангажира педесеттина новинари за вести и новинари-репортери во редакцијата и триесетина новинари-дописници од Македонија и од странство.

МИА има дневна продукција од 300 до 350 вести и други прес информации на македонски, англиски и на албански јазик и развиена дописничка мрежа во земјава и во светот.

МИА произведува и специјални тематски потсервиси и дневни и неделни билтени. МИА, исто така, продуцира Фото-сервис и Фоно-сервис што се достапни преку веб-страницата на Агенцијата - www.mia.mk.

Корисници на МИА се електронските и печатените медиуми во земјава, македонските амбасади во странство, странски дипломатски и други претставништва и мисии во Македонија, како и медиуми на наши иселеници во странство.

МИА е членка и на Светскиот конгрес на новински агенции - NAWC, на ABNA - Асоцијацијата на новинските агенции на земјите од Југоисточна Европа и на Црноморската асоцијација на национални новински агенции – BSANNA.

МИА, исто така, е и дел на информативните пулови на: АГЕРПРЕС (Романија), БТА (Бугарија), АТА (Албанија), ТАНЈУГ (Србија), МИНА (Црна Гора), ФЕНА и СРНА (БиХ), СТА (Словенија), ХИНА (Хрватска), АНА (Грција), АНАДОЛИЈА (Турција), АПА (Австрија), ЕФЕ (Шпанија), УКРИНФОРМ (Украина)...

МИА соработува и со големите новински агенции - Европската пресфото агенција ЕПА, кинеската ХСИНХУА, иранската ИРНА, британскиот јавен сервис Би-Би-Си, германската ДПА, руската ТАСС, корејската ЈОНХАП, а сервисите на МИА ги користат и светските информативни сервиси Дојче веле, Слободна Европа, Гласот на Америка...

Во текот на изминатите 19 години, МИА како најпедантен хроничар на македонските, регионалните и светските случувања и собитија формира обемна сопствена база на податоци, информации, фоно и фото записи.

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови