Независната листа на советници во Кочани е со млади под 30 години, кампањата ја тераат преку духот на бунтовноста

Независната листа за советници на Кочани за претстојните локални избори, чиј носител е Венко Крстевски, е специфична по многу нешта. Од 19 кандидати, 17 се под 30 години и својствено за нивната младост, не тераат типична кампања.

Организираат музички перформанси, форуми и ред други културни активности за да го привлечат вниманието на нивните сограѓани дека треба да се направи нешто за издигнување на културната и алтернативната сцена во Кочани.

Иницијативата од младите, како што вели Крстевски за „еМагазин“, е да се разбуди градот.

„Со музичкиот перформанс, целта беше да се направи шок помеѓу граѓаните на кои им беше украдено вниманието вршејќи си ги секојдневните активности.  Од клучно значење беше настанот да се прикаже креативната и алтернативната страна на младината во Кочани, која што е во постојана сенка како резултат на условите кои досега беа минимални или воопшто ги немаше“, вели Крстевски.

Тие организираа и форум театар, промоција на книга и џез-перформанс пред Споменикот на слободата, кој симболично значи дека Кочани го ослободуваат од стереотипите.

„Целта беше да се обработува проблеми во општеството и притоа да се вклучува и публика во игра и дискусија, за да се дојде до решение на проблем кој што ги засега сите“, објаснува Крстевски.

За време на кампањата планираат доста акции, а реакцијата на публиката била одлична.

„Реакцијата е подобра од што очекувавме, пристапуваат и стари лица и даваат поддршка“, додава Крстевски.

Нивната иницијатива ја поддржа и музичарот Симеон Иванов Канго, кој исто така живее во Кочани. Поддршката од него доаѓа бидејќи се од името на млaдите и граѓаните, а не од политичка структура.

„Во Советот треба да има претставници од младите. Тоа се дечки кои се полни со енергија со желба, сон да создадат подобро утро, а ние како родители и постари ќе им овозможиме. Затоа давам поддршка и апел да влезат претставници од оваа граѓанска иницијатива во составот на Советот на Град Кочани“ вели Канго во неговото видео обраќање на Фејсбук страницата на Независната листа на младите за Кочани.

На оваа страница можат да се проследат сите активности на овие млади дечки кои со својата младост, енергија и визија сакаат Кочани да го направат подобро место за живеење.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови