Премиерот Заев не кажува колку заработил како бизнисмен и каков имот има брат му, Вице

4315 Views Октомври 4, 2017 Наша тема Петре Димитров

Премиерот Зоран Заев не открива каков имот има неговиот брат, Вице Заев, кој на пошироката јавност и стана познат преку случајот „Поткуп“, во кој премиерот е обвинет за поткуп.

еМагазин преку портпаролот на Владата го праша Заев, зошто во неговиот анкетен лист не е спомнат неговиот брат, Вице.

Во јавноста и медиумите името на неговиот брат се спомнуваше често изминативе години, а освен што го слушнавме во видето кое како посебна истражна мерка е направено за случајот „Поткуп“, и кое заврши на You tube, дел од медиумите пишуваа за различни типови на бизниси, во кои директно или индиректно наводно е вклучен, Вице.

еМагазин последнива година објави над 100 анкетени листови на министри, судии, директори, градоначалници... Во голем дел од нив функционерите пријавиле и имот на брат или сестра. Некои ги пријавиле дури и кредитите на нивната потесна фамилија.

Прашавме и дали Вице Заев фигурира во управувачка или сопственичка структура на некоја фирма и дали евентуално некаде поседува акции.

Во анкетниот лист на премиерот се спомнати неговите родители на чие име пријавил куќа, стан, земјиште, деловен простор, но и акции.

Прашавме и каде неговите родители поседуваат акции.

Не добивме конкретен одговор на ниту едно прашање, а ова е одговорот од Владата:

“Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев согласно со законските решенија ги има доставено на увид на јавноста, анкетниот лист како и изјавата за имотната состојба до Државната комисија за спречување на корупција.

Податоците од анкетните листови како што веќе знаете претставуваат информации од јавен карактер и истите се целосно и транспарентно доставени до Државната комисија за спречување на корупција.

Премиерот Заев, оваа обврска ја има исполнето целосно и Ви посочуваме да го побарате анкетниот лист во оваа државна институција. За сите останати прашања кои ги поставувате ве упатуваме одговор да побарате кај правните и физичките лица кои ги споменувате во вашето прашање“.

Премиерот пак според неговиот анкетен лист, не поседува никаков недвижен имот, а нема и свој автомобил.

Заев не открива колку заработил како бизнисмен

еМагазин го праша и премиерот Зоран Заев колку заработил како бизнисмен и дали кога станал градоначалник евентуално се повлекол од управувачки и сопственички структури (доколку бил во такви) и дали некаде денеска поседува акции.

Заев често во јавноста спомнува дека во својата работа ќе ги користи своите лични искуства од водењето на бизнисот, но јавноста никогаш не дозна колку всушност заработил како бизнисмен, што е битен детал за да се процени дали некој е успешен или неуспешен во бизнисот.

еМагазин не доби одговор ни на овие прашања.

Според неговата биографија, пред за прв пат да стане градоначалник, работел во неколку фирми.

Професионалната кариера ја започнал во фирмата „Тргопродукт“ – Струмица каде работел во периодот 1997–2003 година, а во 2001 година бил именуван за директор на истото претпријатие.

Бил член на Управниот одбор на штедилницата „Пеон“ во периодот 1998–2003 година, како и член во Управниот одбор на индустријата за градежни материјали „Еленица“ од 2001 до 2003 година.

Во периодот 2000–2003 година ја вршел функцијата претседател на управниот одбор на јавното претпријатие „Комуналец” – Струмица

еМагазин ќе побара податоци од Катастар и Централен регистар

Во периодов што следи за да добие одговори на овие прашања, еМагазин, за почеток, ќе ја искористи новата можност за новинарите, со која може бесплатно да се добиеме податоци од Централен регистар и Катастар.

Како што информираа неодамна од Централен регистар, новинирате бесплатно ќе добиваат информации, но мора да ја споделат со оваа институција информацијата за која тема им се потребни бараните информации, па затоа и оваа јавна најава.

Фото: СДСМ

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

Антикорупциска го проверила анкетниот лист на премиерот Заев

ЕКСКЛУЗИВНО Колкава плата зема премиерот Зоран Заев

ЕКСКЛУЗИВНО еМагазин во Муртино: Како изгледа куќата во која пораснал премиерот Заев

(Фото) Како изгледа кабинетот на премиерот Зоран Заев

(Фото) Што знаеме за Зорица, сопругата и семејството на премиерот Зоран Заев

Се што сакавте да знаете за Зоран Заев, а немавте кој да прашате

И идниот премиер, Зоран Заев, без куќа

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Петре Димитров

Професионален дипломиран новинар со долгогодишно искуство. Најмногу сака да патува и да прави возбудливи репортажи, но за да јавноста биде објективно информирана следи и бизнис и политика.