Ковач: „Опкружување“ на „Алсат М“ e регионален проект кој ги прикажува општествата од поинаков агол

1099 Views Октомври 6, 2017 Интервју Редакција Емагазин

Директорката на Центарот за демократизација и промени на Југоисточна Европа, Звездана Ковач, во соработка со Европскиот фонд за Балканот пред шест години го започна првиот регионален информативен телевизиски проект „Опкружување“ со цел секојдневните општествени и политички проблеми во регионот да се согледаат од различни агли преку аргументирана дебата.

Финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Германија, серијалот „Опкружување“ на едно место собира влијателни гости од сите сфери на животот од земјите во опкружувањето и преку 10 национални телевизии ги поврзува гледачите од целиот Балкан.

Гледачите во Македонија „Опкружување“ можат да го гледаат на Алсат - М кој шестата сезона ја емитува секоја недела во 12.45.

Центарот за демократизација на Југоисточна Европа се занимава со медиумите и со образованието. Преку вашата работа на серијалот „Опкружување“ однатре ја спознавте медиумската сцена во регионот. Како би ја оцениле?

- Нема да кажам ништо ново ако дадам слаба оцена. Медиумите односно односот на властите кон медиумите суштински не се променети уште од времето на војните во деведесеттите кога послужија, за среќа не сите, како ефективно орудие за разгорување на конфликтите. Оттогаш е променет само фокусот - некаде се вртат против друга држава, нација или религија; а во поголем дел против „домашниот непријател“. Морам да истакнам дека постојат чесни исклучоци и за кои треба да зборуваме. Во спротивно доаѓаме до тоа само да констатираме, да се помириме со сликата која ја создава мнозинството медиуми и до впечатокот на безизлезност.

Необичен парадокс е тоа што во повеќето земји законите за медиуми се добри, иако секогаш можат да бидат и подобри, но со оглед на тоа што не се применуваат владее еден вид на тоталитаризам. Новинарите се прогонувани, на работ на сиромаштија во и онака сиромашни општества.

Кога ги анализирате случувањата во повеќето земји од опкружувањето ќе бидете дека власта се чувствува загрозено, а во таква ситуација обично се посегнува по нешто што ќе го сврти вниманието од неуспехот. Искрено се надевам дека нема да се повторат, или да бидам попрецизна, дека нема да продолжат војните кои во суштина не се ни окончани.

Друг парадокс или можеби знак дека има надеж е „Опкружување“ кое веќе шеста година е единствената регионална политичка емисија (се прикажува во сите земји од поранешна Југославија и во Албанија). Не знам дали постоиме за само таму некаде да се покаже дека медиумските слободи не се загрозени, но знам дека е добро што сме тука и би требало да не има повеќе.

Ова е телевизиски проект на две невладини организации: Центарот за демократија и промени во Југоисточна Европа и Европскиот фонд за Балканот (финансиски поддржано од Министерството за надворешни работи на Германија). 12 епизоди годишно е максимумот што можеме да го направиме со средствата со кои располагаме.

Последица на нашата медиумска реалност е и аудиториум кој е желен за скандали и реални шоуа. Како серијал за кој императив е култура на дијалог се бори за гледаност?

- Со културен дијалог. Со претставување на експерти, на луѓе од истакнати професии, од сите земји од регионот. Со присуство. Со можност за споредба. Со одбрана екипа на врвни професионалци. Со оние кои имаат слух да ја препознаат вредноста на „Опкружување“ и да ни помогнат да се чуе за нас.

Нашата гледаност расте од година во година. Сигурно дека би сакале бројките да бидат милионски, но ние сме објективни и горди бидејќи знаеме дека допираме до оние кои не паднаа во замката на телевизиското воајерство и чие внимание не го задоволуваат нискожанровските содржини. Дополнително, нас не гледаат оние кои ги носат политиките, па сосема сигурно можеме да зборуваме за влијанието кое го има „Опкружување“.

Со каква идеја настана „Опкружување“, како се развиваше и во колкав дел ја оправда својата мисија?

- Ние на овие простори се уште не знаеме да разговараме, да слушаме внимателно и да се разбираме. Мислевме дека би било добро да понудиме пример и да дадеме шанса на оние кои знаат како треба. Со децении, да не одам уште подалеку во минатото, но растевме со пореметен систем на вредности.

Низ „Опкружување“ сакавме да се придружиме на оние кое не прифаќаат такви вредносни категории и кои ги препознаваат причините за нашите неволји. Сакавме и се уште сакаме да укажеме на се што се случува надвор од нашиот двор; да ни биде полесно кога ќе сфатиме дека не сме сами во она лошото што се случува и преку разговор со соседите да најдеме добри примери и решенија. Под сплет на околности географски сме таму каде што сме, најблиски едни на други и верувам дека е важно да бидеме добри едни со други.

Гостите во емисијата секогаш се од четири различни држави, што ви покажаа нивните разговори во студиото, колку се познаваме едни со други и колку се разбираме?

-Ако не се познаваме, лесно се препознаваме - така би ги дефинирала средбите не само на нашите гости туку и на оние кои ги среќавам на регионалните и меѓународните настани. Никој не може да ве налути како оној кој е ви е најблизок. Но, со него исто така и најбрзо се смирувате бидејќи нема како поинаку - мора заедно.

Не сум сигурна колку се познаваме едни со други бидејќи од еден образовен систем во поранешната СФРЈ во кој се беше разубавено влеговме во друг во кој се е исто така прекрасно, но само кога се работи за нас. Никогаш не сме имале прилика да ги чуеме другите и различните, па така или имаме идеализирана слика едни за други или потполно спротивна.

По распадот на Југославија се случи шок. Дополнително и појавата на интернетот имаше влијание. Се соочивме со други реалности, па овде би употребила уште една игра на зборови: се знаеме, но не се познаваме. „Опкружување“ прави се што може за подобро да се запознаеме.

Кои се горливите теми кои ни се заеднички и што не чека во новата сезона?

-Во оваа сезона ќе зборуваме за безбедносните ризици на Балканот, ќе чуеме неколку одговори на прашањето „зошто на Балканот се е политика“, ќе говориме за енергетиката, за читањето, ќе го анализираме семејството, ќе зборуваме за образованието, за пензионерите, за невладините организации...

Оваа сезона ја почнуваме со специјална емисија во Трст во која ни гостуваа премиерите на Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама како и првиот потпретседател на Владата на Србија, Ивица Дачиќ.

Сезоната ќе ја завршиме со уште една специјална емисија која ја снимаме во Тирана кон средината на декември каде ќе има и промоција на „Опкружување“ со гости, познати и признаени имиња кои го поддржуваат ова што го работиме.

 

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

Најчитани вести