Премиерот Зоран Заев наполни 43. години

9294 Views Октомври 8, 2017 Живот Редакција Емагазин

Премиерот Зоран Заев денеска полни 43 години. Роден е на 8. октомври 1974 година во Струмица.

НЕГОВАТА КАРИЕРА КАКО ГРАДОНАЧАЛНИК

На јавноста Заев и стана препознатлив пред неколку години како градоначалник на Струмица, каде на оваа функција остана во три мандати.

Неговиот модел на водење на општината многу често отценуван како позитивен и оној вистинскиот, но во периодот додека беше градоначалник, му се случи и скандалот „Глобал“, за што беше аболициран од тогашниот претседател Бранко Црвенковски, нешто што најверојатно ќе го следи во целата негова политичка кариера.

За успешното водење на општината е добитник на наградата за најдобри практики од Советот на Европа за првото јавно – приватно партнерство во Република Македонија, имплементирано во изградбата на објектот „Глобал”. Општина Струмица под негово водство е добитник на највисоко државно признание во областа на екологијата (2007 – 2008 година).

НЕГОВИТЕ ПОЛИТИЧКИ ФУНКЦИИ

Во периодот од 2003 до 2005 година бил пратеник во Собранието на Република Македонија.

Заев е претседател на СДСМ од 2013 година. На VIII Конгрес на СДСМ во 2008 година е избран за в.д. претседател на партијата, функција која ја вршеше до IX Конгрес кога беше избран за потпретседател на Централниот одбор на партијата.

Заев бил потпретседател на Централниот одбор на СДСМ и во периодот од 2006 до 2008 година. За време на парламентарните избори во 2006 година бил шеф на Регионалниот Изборен Штаб за 4. изборна единица. Во два мандати бил и член на претседателството на општинската организација на СДСМ Струмица.

Како лидер на СДСМ последниве години беше константно во фокусот на јавноста и медиумите откако ги објави прислушуваните разговори.

Поради тоа беше и еден од најкритикуваните политичари во земјава, за кој се покренаа неколку судски случаеви и најчесто беше нарекуван дека е предавник, аболициран политичар и пион на странските служби, а од друга страна многумина му ракоплескаа на храброста да ги објави прислушуваните разговори и да истрае во својата битка.

ЗАЕВ КАКО БИЗНИСМЕН

Професионалната кариера ја започнува како вработен во „Тргопродукт“ – Струмица во периодот од 1997 до 2003 година, а од 2001 бил и директор на истото претпријатие. Бил член на Управниот одбор на штедилницата „Пеон“ (1998 – 2003), како и на Управниот одбор на Индустријата за градежни материјали „Еленица” (2001 – 2003). Во периодот од 2000 до 2003 година ја врши функцијата Претседател на управниот одбор на ЈПКД „Комуналец” - Струмица.

Дипломирал на Економскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1997 година. На истиот универзитет бил на постдипломски студии по монетарна економија и финансии.

ПРИВАТНИ ДЕТАЛИ

Оженет со Зорица Заева со која има две деца, Александра и Душко.

Фото: Фејсбук/Зоран Заев

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

Премиерот Заев не кажува колку заработил како бизнисмен и каков имот има брат му, Вице

ЕКСКЛУЗИВНО Колкава плата зема премиерот Зоран Заев

ЕКСКЛУЗИВНО еМагазин во Муртино: Како изгледа куќата во која пораснал премиерот Заев

(Фото) Како изгледа кабинетот на премиерот Зоран Заев

(Фото) Што знаеме за Зорица, сопругата и семејството на премиерот Зоран Заев

Зоран Заев е првиот премиер од Струмица

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови