Граѓаните се повеќе се задолжуваат на долг рок: Најмногу кредити со отплата над 8 години

471 Views Октомври 9, 2017 Беспарица Никола Осило

Олеснувањето на кредитните услови од страна на банките, особено во доменот на каматната стапка е под влијание на конкуренцијата меѓу банките и нивните очекувања за вкупната економска активност, соопшти Народната банка вп најновата анализа за квалиетот на кредитирање на населението.

„Сепак, показателите покажуваат добар квалитет, односно ниски ризици за банките од кредитирањето на овој сектор. Имено, од крајот на 2015 година, стапката на раст на нефункционалните кредити на домаќинства е негативна или околу нулата.

Но, во декември 2016 година, годишниот раст на нефункционалните кредити на домаќинствата изнесува 5,8% (со изземање на ефектот од отписите ), што во споредба со надолното поместување на „лошите“ кредити на крајот на претходната година (-0,1%) упатува на промена на трендот на нефункционалните кредити на овој сектор, и тоа преку нивно движење во непосакуваната нагорна насока.

Таков раст продолжува и во првите неколку месеци од 2017 година, што покажува дека треба повнимателно следење на трендот на овие кредити, иако нивниот раст е сѐ уште низок“, соопшти Народната банка.

Оттаму додаваат дека потрошувачките кредити се најзастапени (со учество од 75,5%) во структурата на вкупните кредити наменети за финансирање на потрошувачката на домаќинствата.

„Учеството на необезбедениот дел од овие кредити (36,5% на 31.12.2016 година) бележи особено изразен нагорен тренд во последните три години (пораст на учеството од 13,8 п.п. на крајот на 2016 година во однос на крајот на 2013 година), што ги истакнува растечките ризици од потрошувачките кредити, поради олеснувањето на условите за нивно одобрување (полиберални барања за обезбедување).

Трендот на сѐ поголема застапеност на потрошувачките кредити за кои не е воспоставено обезбедување е проследен со истовремено намалување на потрошувачките кредити обезбедени само со жирант и меница, што укажуваат на тоа дека банките се повеќе ги одобруваат новите кредитни барања за потрошувачки кредити без обезбедување.

Се поретките барања за обезбедување може да се поврзат и со дополнителните трошоци за банките коишто можат да произлезат од овие кредити, од типот на трошоци за редовна процена на вредноста на обезбедувањето, трошоци за преземање и за продажба на имотот воспоставен како обезбедување, неможност за продажба на имотот по поволна цена и сл., коишто се значително повисоки од административните трошоци за нотари и проценители во самиот процес на одобрување на кредитното барање.

Исто така, и останатите услови под кои се одобруваат ваквите кредити се олеснети, што меѓу другото се согледува и од позначителното продолжување на нивната рочност“, велат во Народната банка.

Имено, 52,8% од вкупните потрошувачки кредити на крајот на 2016 година се со оригинална рочност еднаква или подолга од осум години. Подолгиот рок на отплата може да е показател за „послаба“ кредитна способност на корисниците на потрошувачките кредити (кои за да можат да ја отплатат месечната обврска поради зголеменото задолжување, отплатата на кредитот ја распоредуваат на повеќе месечни отплати/рати).

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!