Како да ја зачувате топлината и да ги намалите трошоците за греење во домот

765 Views Октомври 9, 2017 Беспарица Камелија Делија

Без разлика каков вид на греење користите, трошоците за греење секогаш ќе постојат, но со малку труд и инвестиции, можете значајно да ги намалите. Со добра изолација на вашиот дом, можете да заштедите и над 30% од трошоците за греење.

Погледнете ги овие неколку евтини и едноставни чекори кои може да ги преземете за да ја зачувате топлината:

1. Подобрете ја изолацијата на поткровјето

Вашето поткровје е едно од клучните места кога станува збор за губење на топлината. Ако изолацијата во поткровјето не е дебела 30 сантиметри, тогаш потребно е да ја подобрите. Тоа секако можете да го направите со евтини материјали како што е целулозата (стара хартија), стиропор или најлон.

2. Изолирајте ги прозорците и вратите

Многу топлина се губи околу прозорците и вратите, а тука може да ви помогне купувањето на самолепливи гумени траки. Истите може да ги залепите на внатрешните делови од прозорите и вратите, а пред лепењето добро исчистете ја површината.

3. Користете пур-пена за мали отвори

Пур-пената е одлично средство за пополнување мали простори, односно отвори низ кои топлината излегува. Тука спаѓаат разните отвори за струја, отворите за кабли и слично. Бидете внимателни при употребата на пур-пена, бидејќи таа не смее да дојде во контакт со вашата кожа.

4. Изолирајте го подрумот

Подрумите и гаражите се полни со мали дупки и отвори низ кои топлината излегува, а особено ако подрумот не е заѕидан. Ако подрумот се наоѓа под просторијата која се грее, тогаш можете да ја обложите со хартиена изолација, а ситните отвори и пукнатини со пур-пена.

5. Користете завеси и ролетни

Еден од наједноставните начини за зачувување на топлина во домот е инвестицијата во ролетни и завеси. Во текот на ноќта, ролетните можете да ги затворите за да го спречите навлегувањето на ладниот воздух и испуштањето топлина, а преку денот отворете ги за да му допуштите на сонцето да ве грее со природна топлина. Завесите се подобри кога се подебели, бидејќи задржуваат повеќе топлина, а ролетните е најдобро кога можете да ги затворите во целост.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови