Влада: Mерките во Планот 3-6-9 целосно се реализирани во предвидениот рок

375 Views Октомври 9, 2017 Бенчмарк Камелија Делија

Во првите три месеци се реализирани сите мерки, кои се во надлежност на Владата, односно 58 активности од Планот 3-6-9, информираше денеска Министерската работна група за следење на спроведување на овие мерки.

Со состанокот на Министерската група, претседаваше премиерот Зоран Заев, а на него беа разледани активностите за реформите во повеќе области од надлежност на Владата, на одделните министерства и на други владини агенции и институции, поврзани со процесот за евроатлантската интеграција на Македонија.

Работната група беше информирана дека во тек е реализацијата на уште 15 мерки, од кои најголемиот дел не се во надлежност на Владата.

Имплементацијата на овие мерки ќе продолжи во наредниот период, и со тоа мерките предвидени во првите три месеци, ќе бидат целосно остварени.

На денешната седница на Министерската работна група за следење на спроведувањето на Планот 3-6-9, беше констатирано дека и покрај предизборната кампања, фокусот на Владата е насочен кон имплементацијата на мерките и дека нема никаков застој во процесот на спроведување на итните реформски приоритети.

Во согласност со препораките на Европската комисија, соодветно и на итните реформски приоритети што произлегоа од двата извештаи на експертите на ЕК, предводени од групата експерти на чело со Рајнхард Прибе, во следните три месеци од Планот 3-6-9 најголем акцент ќе се стави на реформите во правосудството, разузнавачките и безбедносните служби, јавната администрација и реформите во областа на медиумите и граѓанското општество.

Ресорните министри задолжени за реализација на мерките предвидени во областите за наредните три месеци на денешната работна сесија на Министерската група се осврнаа на предлог-мерките за следните три месеци од Планот 3-6-9. Тие донесоа одлука за одржување консултативни средби со претставници на граѓанскиот сектор, опозицијата и други релевантни државни институции, од кои се очекува придонес за мерките во правосудството, разузнавачките и безбедносните служби, јавната администрација и реформите во областа на медиумите и граѓанското општество во одредницата од шест месеци во Планот 3-6-9.

Денешната седница на Министерската работна група за следење на спроведувањето на Планот 3-6-9 е дел од мониторинг механизмот што го воспостави Владата, преку кој редовно, на неделна основа, се следи имплементацијата на планот, за што соодветно се информираат Собранието, ЕК и земјите членки на ЕУ, како и експертската и пошироката јавноста.

Фото: Влада на РМ

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови