Во Солун средба меѓу првите луѓе на македонската и грчката полиција

Справување со тероризмот, организираниот криминал и миграциите беа тема на разговор на денешната средба во Солун меѓу првите луѓе на македонската и грчката полиција, директорот на Бирото за јавна безбедност Лазо Велковски и шефот на полицијата на Република Грција, генерал – полковник Константинос Тсувалас. 

Како што информира МВР, во рамки на посетата на претставници на полицијата на Република Македонија на полицијата на Република Грција беше одржана и средба на два тима помошници во кабинетите на директорите на полицијата. На оваа средба, исто така, главен акцент беше даден на тероризмот, организираниот криминал и миграциите.

- Со оглед на сегашните позиции на Република Грција и Република Македонија во меѓународни рамки, договорено е заедничките активностите да се одвиваат директно преку раководителите на организациските единици задолжени за справување со тероризмот, организираниот криминал и миграциите. Исто така, договорено е да се воспостават контакт точки преку соработка на експертски тимови од секоја организациона единица на двете полиции, соопшти МВР.

На состанокот на претставниците на грчката и македонската полиција била искажана подготвеност да се иницира одржување на уште еден состанок на кој ќе се постигне договор за соработка во областа на криминалистичко-разузнавачката анализа и тероризмот.

- Соработката ќе биде продлабочена и издигната на повисоко ниво. Во духот на градење на добрососедски односи, двете министерства ќе соработуваат со поголема меѓусебна доверба, потенцираат од МВР.

Фото: МВР

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови