ЕКСКЛУЗИВНО Игор Лукшиќ: Балканските земји ќе бидат подготвени да се приклучат на ЕУ до 2030-та година

1114 Views Октомври 10, 2017 Интервју Камелија Делија

На социјалистичка Југославија и беше ветен брз пристап до Европската заедница, под услов да се спроведат низа одржливи реформи. Доколку постоеше волја таа да се трансформира во федерација на независни држави, веројатно ќе живеевме една сосема поинаква иднина.

За жал, мислам дека ќе поминат геренации дури да исчезне влијанието од случувањата во 90-те години од минатиот век вели во интервју за еМагазин Игор Лукшиќ, поранешен премиер на Црна Гора. 

Лукшиќ кој беше официјален кандидат за секретар во Обединетите нации во 2016 година, вицепремиер и министер за евроинтеграции на Црна Гора од 2012 до 2016 година, министер за финансии од 2004 до 2010 година и пратеник во Парламентот на Црна Гора од 2001 до 2013 и на Србија и Црна Гора од 2003 до 2006 година за еЕмагазин вели дека земјите од Балканот ќе бидат подготвени да се приклучат на ЕУ до 2030-та година.

Тој во моментов работи во PwC како директор за јавнот сектор за југоисточна Европа. На самитот Македонија 2025 кој ќе се одржи на 1 и 2 ноември во Скопје тој ќе зборува за тоа кој е потенцијалот за економска интеграција на земјите од југоисточна Европа.

Господине Лукшиќ како еден од спикерите на годинешниот Самит Македонија 2025 ќе зборувате за потенцијалот и економската интеграција на земјите од Југоисточна Европа. Какви се предиспозициите за создавање на единствен заеднички пазар на земјите од Балканот?

Па, тоа е многу амбициозна цел, за која се потребни значително време и труд. Земјите исто така ќе треба да ги синхронизираат трговските политики, што секако не може да се случи преку ноќ. Мојот пристап не е да се фокусираме на толку далечни и високи цели. Сметам дека треба да работиме врз она што го имаме денеска и постепено да оствариме трговска либерализација, со тоа што внимателно ќе работиме и на следните чекори што треба да се преземат. 

Пред неколку години имавте иницијатива за формирање на таканаречена „Западнобалканска шесторка“ која предвидуваше формирање на парламентарно собрание во кое ќе членуваат по десет претставници од секоја земја од Балканот со што ќе се зголеми регионалната соработка. Медиумите дури тоа го нарекоа туркање на идеја за „Нова Југославија“.  Дали можеби ако балканските земји повторно заеднички се здружат ќе успеат полесно да излезат од лошата економска состојба во која веќе подолго време се наоѓаат? 

Колку е поголема економската интеграција на овие земји, толку подобро за целиот регион. Не смееме да си дозволиме да останеме затворени, со оглед на фактот дека сите пазари од Западен Балкан заедно се како големината на Романија, што по правило е единствен пазар. Па така, тогашната идеја за парламентарно собрание беше за поедноставување на процесот, надминување на бариерите при регистрација и градење политичка спремност и волја. Меѓу другото, на социјалистичка Југославија и беше ветен брз пристап до Европската заедница, под услов да се спроведат низа одржливи реформи.

Доколку постоеше волја таа да се трансформира во федерација на независни држави, веројатно ќе живеевме една сосема поинаква иднина. За жал, мислам дека ќе поминат геренации дури да исчезне влијанието од случувањата во 90-те години од минатиот век.

Но, морам да кажам дека формирањето на парламентарното собрание не беше единственото нешто за кое размислувавме пред неколку години. Советот за регионална соработка на Југоисточна Европа, тоа го однесе на едно сосема повисоко ниво. Се спроведоа тарифи за роаминг во целиот регион, агенда за поврзување, можност за патување само со лични карти низ земјите во прашање, мулти-латерално признавање на сертификати и дипломи, некои други безбедносни аспекти и така натаму. Се’ уште имаме долг пат кон подобрување на конкуретноста на Западен Балкан. 

За колку години Вие го гледате Балканот во европското семејство?

Тешко е да се предвиди. И самиот се фатив во стапица во 2012-та година, кога тврдев дека Црна Гора ќе биде подготвена во 2020-та година. Сега Јункер зборува за 2025-та година. Можеби и не сум толку далеку од целта, но тоа дополнително ја покажува комплексноста на целиот процес. За мене многу поразумно е да се фокусираме на владеење на правото, економското раководење и квалитетот на јавната администрација.

Европската Унија ќе треба да се справи со своите Брегзит/ multi-speed Европа/ и кои да се други тековни проблеми. Нема да биде лесно. Како и да е, сè уште сум оптимистичен, бидејќи зајакнувањето и проширувањето на ЕУ зборува за нивната подобрена позиција во светот. Со оглед на тоа, се надевам дека балканските земји ќе бидат подготвени да се приклучат на Унијата до 2030-та година.

Балканските земји во последните неколку години стануваат сè поатрактивни за странски инвестиции, има голема конкуренција кога станува збор за условите за привлекување на инвеститори. Што според Вас е клучно за странските инвеститори, политичката стабилност на државата, условите за водење бизнис, евтината работна сила...?

Сите овие фактори заедно. Владеење на правото и економските слободи би било најдобриот одговор. Покрај ова, целосната поврзаност на регионот мора да се подобри и земјите мора да ја прифатат дигитизацијата како начин за надминување на други слабости и проблеми. 

Од неодамна Македонија има нова Влада. Што би и препорачале на новата Влада кога станува збор за бизнисот и за раст на економијата. Кој треба да биде нејзиниот фокус во наредниот период?

Луѓето во Македонија се многу работливи и тоа е најзначајната вредност. Навистина  е важно да се продолжи со развивање на стандардите за владеење на правото и да се зголемат економските слободи. Агендата за интеграција е многу важна рамка која помага да се забрза целиот процес. Се надевам дека наскоро ќе се изнајдат пригодни решенија, со што Македонија повторно би фатила чекор во остварување на зацртаните цели.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

Најчитани вести