Врачeна државната награда „11 Октомври“

На музичкиот уметник Влатко Стефановски и на историчарот, проф. д-р Амет Шериф денеска во Собранието на Република Македонија им беше врачена државната награда „11 Октомври“ за 2017 година.

Наградата Стефановски ја доби за животно дело во областа на културата и уметноста, а Шериф во областа на науката и образованието.

Одлуката минатиот месец ја донесе Одборот за доделување на наградата „11 Октомври“. Таа е највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности од јавен интерес на Република Македонија. Наградите им ги врачи претседателот на Одборот, академик Митко Маџунков, кој во обраќањето рече дека наградите се доделуваат за да се потсетиме дека над нас има нешто што не надраснува, што е поважно од нас самите. 

- Во тој ред спаѓаат и делата на истакнати личности што трајно го вградиле својот живот во научни и уметнички дела, што го прошириле гласот за нас до многу катчиња на нашата планета, рече Маџунков.

Во име на добитниците на годинашната награда „11 Октомври“ се обрати Стефановски, кој рече дека неверојатно е каков пат поминал и како неговото хоби во неговите тинејџерски години подоцна професија, цел живот опсесија, се претворило во нешто достојно за добивање на наградата.

Името на Влатко Стефановски денеска се поистоветува со гитарска виртуозност, со џез и етно рок, со Леб и сол, со најголемата музичка сензација во Македонија, со меѓународно етаблирање на македонската поп и рок музика, но и со исклучителен придонес за севкупната македонска културна матрица.

Проф.д-р Амет Шериф е научен советник во Институтот за национална историја. Тој е долгогодишен научен работник кој со својата научна и општествена активност постигнал научни резултати од јавен интерес на полето на проучувањето на османлиско-турскиот период, цивилизација и култура.

Извор/фото: МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови