19 плажи во Грција го изгубија „синото знаме“ поради нехигена

987 Views Октомври 11, 2017 Балкан Камелија Делија

Расфрлано ѓубре на плажите и околу нив, немање тоалети и спасители на уредените плажи, се само дел од причините поради кои 19 плажи во Грција го изгубија значајното меѓународно признание „сино знаме“, кое е доказ за високи еколошки стандарди на плажите и пристаништата низ светот, пишуваат грчките медиуми. 

Ова признание до неодамна го носеа 486 плажи во различни региони на Грција и беше главен адут за привлекување туристи.

„Синото знаме“ го изгубија и плажите Елани Беј во Сивири на Халкидики, Агиа Тријада во Солун, Миртос на Кефалонија, Аргаси, две плажи во Лаганас, Лиманаки и Банана Бич на Закинтос, како и четири плажи на островот Крит. 

Ознаката „сино знаме“ е меѓународен симбол за квалитет и е еден од најпознатите еколошки симболи низ светот.

Од 1987 година им се доделува на плажите и пристаништата низ светот кои ги исполнуваат строгите услови на програмата, со цел плажите да станат побезбедно место, но истовремено да се заштити и природата околу нив.

Хеленското друштво за заштита на природата, кое е координатор на оваа програма во Грција, неодамна ненајавено посетило голем број плажи кои се одликувани со „сино знаме“, но членовите на друштвото биле вџашени од тоа што го виделе на самото место.

Со цел да се зачува престижот и кредибилитетот на институцијата, тие одлучиле да ги повлечат „сините знаменца“ од 19 плажи во различни региони на Грција.

И покрај одземањето на „синото знаме“, членовите на институцијата тврдат дека водата на овие плажи и понатаму е со одличен квалитет. Замерките се однесуваат на чистотата на плажата и нејзината околина, услугите што им се нудат на пливачите и посетителите и на нивната безбедност, како и на неточните информации што ги добиваат посетителите на овие плажи од локалните власти.

По одземањето на 19 „сини знамиња“, Грција сепак ја задржа втората позиција на светската листа со 466 плажи што го носат ова значајно меѓународно признание. На прво место е Шпанија со 579 плажи. 

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови