„Кога денот немаше име“ денеска премиерно во „Милениум“

184 Views Октомври 12, 2017 Забава Камелија Делија

По премиерата на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола и по двете бесплатни претпремиерни проекции на манифестацијата „Бела ноќ“ во Скопје, вечер во кино „Милениум“ ќе се одржи официјалната премиера на филмот „Кога денот немаше име“ на македонската режисерка Теона Стругар Митевска.

Веднаш по премиерата, филмот ќе почне со редовни кинопроекции на репертоарот во скопските кина „Милениум“ и „Синеплекс“.  

Покрај режисерката Митевска, на „Кога денот немаше име“ работеа и Агнес Годар, француската директорка на фотографија која го снимаше филмот, продуцентката Лабина Митевска и сценаристката Елма Татарагиќ. Главните улоги ги толкуваат Леон Ристов, Ханис Багашов, Стефан Китановиќ, Игорчо Постолов, Драган Мишевски и Иван Вртев Шоптрајанов.

Како што велат од продукцијата „Сестри и брат Митевски“, филмот доби одлични оценки меѓу критичарите во Европа и во светот и е првото македонско остварување по „Пред дождот“ што е продадено за киноприкажување во Кина. Светски познатиот агент за продажби „Cercamon“ веќе ја потврди оваа продажба, што е огромен и редок успех за еден македонски филм.

Во петок, на 13 октомври, по проекцијата во 19:45 часот, како и во вторник, 17 октомври, по проекцијата во 19:30 часот, во „Синеплекс“ гледачите ќе имаат ексклузивна можност, веднаш по филмот, да се сретнат со актерите што ги толкуваат главните улоги на разговор и дискусија. Модератор ќе биде филозофот Мариглен Демири.

„Кога денот немаше име“ премиерно беше прикажан на Берлинскиот филмски фестивал, а потоа следуваа учества на други светски фестивали: Филмскиот фестивал во Софија, Бугарија, Фестивалот на европскиот филм во Лече, Италија, каде што беше добитник на награда на „Цинеуропа“, Филмскиот фестивал во Линц, Австрија, филмските фестивали во Сиднеј, Австралија, и во Ерусалим, Израел каде беше најавен како ремек-дело.

Филмот се прикаќа  и на „Фор Риверс Филм Фестивал“ во Хрватска, Сараевскиот фестивал и „Блекканвас“ во Мексико.

До крајот на годината се закажани уште неколку учества на фестивали: во Намур, Белгија, во Луксембур, Каиро, Љубљана и Белград.

Во Македонија, премиерата беше на 29 септември на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови