„Југохром“ ќе почне да работи во мај или јуни догодина

„Југохром“ од Јегуновце треба да почне со работа кон крајот на мај или почетокот на јуни наредната година, со поставен филтер за отпрашување на печките 7 и 8. Комбинатот ќе почне да работи кога ќе бидат исполнети сите услови за да не биде загадувач во полошкиот регион.

Ова беше истакнато на денешното потпишување на Меморандумот за разбирање меѓу Владата, „Југохром“ и вработените во комбинатот. Меморандумот го потпишаа вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, Васко Скендеровски, претставник на „Југохром“ и Бајрам Амити, од Синдикатот на вработените во фабриката.

Со Меморандумот, како што посочи вицепремиерот Анѓушев, се овозможува сигурност за иднината на фабриката.

- Фабриката ќе продолжи да работи, сопственикот ќе инвестира во системот за отпрашување, односно поставување филтри, Владата се обврзува да ги сервисира побрзо административните процедури, додека работниците добиваат сигурност дека ќе продолжат да работат, истакна Анѓушев.

Тој потенцира дека се обврзуваат да обезбедат правна сигурност на инвеститорот, бидејќи, како што појасни, секој инвеститор сака сигурна правна рамка за да инвестира.

- Земаме обврска како Влада дека ќе бидеме транспарентни, дека како правна рамка ќе обезбедиме правна сигурност на инвеститорот, дека ќе ги добие сите потребни овластувња кои го следуваат по Закон и оти Владата администативно ќе постапи во најкратки можни рокови, посочи Анѓушев.

Скендеровски увери дека „Југохром“ нема да работи без филтри и најави дека тие етапно ќе се поставуваат.

Потсети дека претходно имале рок од две години за да го постават системот за отпрашување, што не беше испочитуван поради неможноста да ги добијат потребните дозволи од институциите, а потоа не им било дадено продолжувње на рокот.

- Со овој Меморандум има поставено одреден рок за поставување на системот за отпрашување. Градежните работи на терен се почнати. Постигната е согласност и со фирмата што треба да ја изработи челичната конструктица до април или мај следната година и до крајот на мај или почеток на јуни ќе биде подготвен за вклучување на печката 7 и 8 во производство, појасни Скендеровски. 

Според Бајрам Амити, Владата ќе најде механизми за да врши притисок до сопственикот на „Југохром“ да ја реализира инвестицијата.

Инвестицијата за системот за отпрашување ја обезбедува сопственикот на „Југохром“. Целата инвестиција е проценета на 12 милиони евра, а само за печките 7 и 8 е 4,5 милиони евра. Се очекува дека она што беше партиципација во загадувањето од Комбинатот треба да биде елиминиран.

„Југохром“ целосно го запре производствениот процес на 2 ноември 2016 година, со што околу 800 вработени останаа без работа. Раководството на комбинатот одлучи да ја спроведе одлуката на Испекторатот за животна средина за затворање на фабриката поради непочитување на крајниот рок за изградба на филтер станица кој истече на 30 октомври 2016 година. Вработените во „Југохром“ потоа неколкупати протестираа барајќи решавање на нивниот проблем.

MИА/Фото: Телма

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови