Серијата „Сенки над Балканот“ на Бјелогрлиќ од 22 октомври ќе почне да се емитува на МРТ

427 Views Октомври 12, 2017 Забава Камелија Делија

Серијата „Сенки над Балканот“ на Драган Бјелогрлиќ, кој е актер, сценарист и режисер, од 22 октомври ќе почне да се емитува на Македонската радио телевизија, а истовремено и на јавните сервиси во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Словенија.

Бјелогрлиќ на денешната средба со новинарите во Скопје рече дека првпат по распадот на Југославија во 90-тите години една серија во исто време ќе се прикажува во овие држави освен во Хрватска. 

- Мислам дека тоа е една убава вест, додаде Бјелогрлиќ.

Сценаристот Дејан Стојилковиќ рече дека „Сенки над Балканот“ е приказна која е типична за овој дел од Европа.

- Се она што имаме во серијата на некој начин е последица на големата војна. Сите општествени процеси и се што се случи по оваа војна оставија голем белег на сите балкански народи,...истакна Стојилковиќ.

Серијата е историски трилер за настани од почетокот на 20 век, главно во Белград, и опфаќа дел од историско-политичките случувања од тој период во Македонија. Режисер на осмата епизода, што се снимаше претежно во Битола и околината, е Игор Иванов.

Пилот-филмот од ТВ-серијата „Сенки над Балканот“ кој премиерно беше прикажан на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, синоќа имаше и скопска премиера во кино Синеплекс, на затворањето на второто издание од фестивалот „Киненова“.

„Сенки над Балканот“, по концепт и во режија на Драган Бјелогриќ, е меѓународна копродукција меѓу „Кобра филм“ од Србија, „Скопје филм студио“ од Македонија и „Искра“ од Русија. Како копродуценти на серијалот учествуваа и Радиотелевизија Србија, Радиотелевизија Република Српска и Македонската радиотелевизија, а финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Во актерската екипа се и Андрија Кузмановиќ, Марија Бергам, Горан Борган, Гордан Кичиќ, Ненад Јездиќ, Алексеј Солончев, а од Македонија играат: Петар Арсовски, Тони Михајловски, Јана Стојановска, Аксел Мехмет, Никола Ристановски, Петар Мирчевски и Дениз Абдула.

Покрај на фестивалот „Браќа Манаки“, пилот-филмот од ТВ-серијалот „Сенки над Балканот“ беше промовиран и на Сараевскиот филмски фестивал и Филмските средби во Ниш. Телевизиското прикажување на серијата е најавено за крајот на овој месец.

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови