Милионски штети во прилепскиот Тутунски комбинат: Бившите менаџери се луксузирале по казина и скапи продавници

1622 Views Октомври 12, 2017 Бизнис Камелија Делија

Енормно трошење пари од менаџерскиот тим во изминатите 11 години, со што се предизвикани штети од неколку милиони евра, констатира новото раководство на Тутунскиот комбинат - Прилеп по едномесечното раководење со компанијата.

Како што денеска на прес-конференција соопшти генералниот директор Кирил Станкоски, трошено било и на луксуз за кој делумно нема оправданост. 

- Тутунскиот комбинат е компанија во државна сопственост, но и сопственост на акционерите. По едномесечното раководење со компанијата затекнавме, а тоа е и со документација констатирано, долг од над 1.270.000.000 денари, акумулирана загуба од речиси осум милијарди денари, блокирана сметка на Комбинатот, нема ниту еден килограм залиха на тутун во погонот „Тутун“ и катастрофална залиха на тутуни во погонот „Цигари“. Објектите на фабриката за цигари се руинирани, опремата и транспортните средства се во очајна состојба, а производството задоволува само околу 30 насто од вкупниот капацитет, рече Станкоски.

Според него, во 2007 и 2008 година тогашното раководство од кредитни картички издадени од Комбинатот потрошило 7,8 милиони денари претежно на луксузирања во Германија, Холандија, Монте Карло, Русија, Турција, Грција.

- Дел од овие средства се трошени во казина во Русија, Женева, Грција, а се купувани и брендирани облека и чевли. И покрај загубите кои ги покажувал Тутунскиот комбинат во тој период, купени се четири луксузни возила за кои компанијата на крајот, со целиот лизинг и камати исплатила над 17 милиони денари, изјави Станкоски.

Пред пет години, додаде, набавени се 108.000 килограми тутун од Индија, неупотреблив за производството на цигари, за што потврда има и од „Филип Морис“.

- За набавка на овие тутуни се потрошени речиси 18 милиони денари, а целиот тутун е неупотреблив и само зафаќа место во магацините на Комбинатот. Во периодот од 2008 до 2011 година се платени над три милиони денари на две компании, само за инсталација на софтвер, кој никогаш не е инсталиран и никогаш не профункционирал, дополни Станкоски.

Во моментов внатрешната ревизија работи на испитување на извозот на цигари во последните 10 години за што има основано сомневање за злоупотреби.

- Има основано сомневање дека се произведувале и се извезувале цигари многу под цената на чинење, што во историјата на Комбинатот никогаш не се случило. Од 2012 година до август оваа година се потпишувани договори за осигурување и покрај менаџерските договори, со што Комбинатот месечно издвојувал од 500 - 800 евра по директор. На крајот од годината средствата, наместо на сметката од Комбинатот, се враќале на личните сметки на директорите. На ваков начин го оштетиле комбинатот за над седум милиони денари. Во јануари годинава е подигнат кредит од 104.000.000 денари и целиот е потрошен за неполни осум месеци, заклучно до август 2017 година, или непосредно пред смената на претходното раководство, рече Станкоски.

Според него, проценките се дека штетите кои му се намнесени на комбинатот ќе достигнат неколку милиони евра. Бара да реагираат обвинителството и МВР.

- За сите овие злоупотреби ќе бидат поднесени соодветни пријави, а ги повикуваме и надлежните институции, Обвинителството и МВР да си ја завршат својата задача, рече Станкоски.

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови