Народна банка: Податоците за директни странски инвестиции ќе се објавуваат квартално, а не месечно

214 Views Октомври 13, 2017 Бизнис Камелија Делија

Месечните податоци за движење на дректни странски инвестиции во Македонија, намесо месечно како досега, ќе се објавуваат квартално. Народната банка направи промена на динамиката на објавување на овие податоци.

-Народната банка направи промена во динамиката на објавување на податоците за платниот биланс. Притоа, податоците за платен биланс, наместо како досега - на месечна основа, ќе се објавуваат на квартална основа, во рок од 60 дена по истекот на референтниот квартал.

Имајќи предвид дека податоците за директните инвестиции – движења (по вид на инвестиции), се составен дел на билансот на плаќања, конкретниот табеларен преглед наведен во вашето барање претставува само поинаков начин на објавување на податоци кои се дел од билансот на плаќања. Оттука, промената во начинот на објавување на билансот на плаќања секако ги опфаќа и овие податоци, велат од НБРМ за еМагазин.

Од Банката велат дека целта за промената на објавувањето на податоците е избегнување на чести и поголеми ревизии на статистичките податоци, а истовремено задржувајќи го известувачкиот товар на ниско ниво. 

Објаснуваат дека извештаите за платен биланс и понатаму ќе продолжат да содржат месечни податоци кои ќе се објавуваат во рок од 60 дена по истекот на кварталот. 

Месечното објавување на податоците за платен биланс заврши на 31 август 2017 година, кога беа  објавени податоци за движењата заклучно со месец јуни 2017 година, односно, заклучно со вториот квартал од годината. 

Кварталното објавување на податоците за платен биланс Народната банка ќе започне на 30 ноември 2017 година, со објавување на податоците за третиот квартал од оваа година (поединечно за месеците јули, август и септември 2017 година). 

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови