Ги викнала ли УЈП Велија и Бајруш на средба за наплата на долгот?

1881 Views Октомври 13, 2017 Бизнис Камелија Делија

Управата за јавни приходи (УЈП) дава еднаков третман во решавање на проблемите во врска со наплатата со сите даночни должници, без разлика дали се правни или физички лица. УЈП ги повикува на средба даночните должници и им ги посочува сите можни законски начини за наплата на долгот и настојува да се изнајде најефикасен начин за надминување на проблемите, посебно кога станува збор за високите износи на долгови.

Ова е одговорот на УЈП на прашањето на еМагазин дали досега ги контактирала Велија Рамковски чии фирми Хедис ДОО и Хедис маркети должат над 2,4 милиони евра за неплатен данок на државата и „тутунскиот бос“ Бајруш Сејдиу кој и должи 1,8 евра на УЈП, кои се едни од позвучните имиња на листата, а кои пред извесно време беа во фокусот на јавноста откако беа повремено пуштени од затвор.

Друга тема е дали овие долгови воопшто можат да се наплатат, бидејќи фирмите на Рамковски повеќе не постојат.

ИМА ЛИ ЕФЕКТИ ОД ЛИСТАТА?

Во последната листа на должници која пред неколку дена ја објави УЈП има над 4.200 должници кои што должат над 185 милиони евра на државата. Оваа бројка веќе неколку години е без големи промени, односно никако да се намали ниту бројот на должници, ниту пак сумата која што Управата треба да ја наплати.

еМагазин ја праша Управата зошто воопшто се објавува Листата на должници кога бројот на должници, а и вкупниот долг со години е скоро ист и што прави УЈП за наплата на истиот?

Од УЈП велат дека објавувањето на Листа на должници е нивна законска обврска која треба да ја објават еднаш месечно. Велат дека вакви објави се практикуваат и во други даночни администрации, со цел поголема транспаретност и подигнување на даночната свест за плаќање на даноците, но и позитивно влијание преку овозможување на учениците во бизнис заедницата и граѓаните да ги следат своите исплатувачи, државни органи и јавни тела, нивната инсолвентност, недисциплинираност.

 Од УЈП велат дека постапуваат според Законот за наплата на долговите.

„Постапката за наплата е стриктно регулирана со Законот за даночна постапка и е иста за сите даночни обврзници, вклучувајќи и за должниците објавени на Листата.

Согласно законот постојат повеќе начини, односно можности за наплата на долгот: репрограмирање на долг, наплата од должников должник, превземање на долг од страна на даночен гарант со нотарски заверена изјава, пребивање на долг од даночно побарување, како и сите мерки за присилна наплата на долг – со забрана на располагање на парични средства на транскациска сметка на должникот, наплата од движни и недвижни предмети, наплата од готови пари и хартии од вредност, непарични побарувања и други права на должникот.

При определелување на средството за наплата на долгот, Управата за јавни приходи ги почитува начелата на даночната постапка и не смее да му нанесе штета на должникот“, објаснуваат од УЈП за еМагазин.

ПОСТАПКАТА ЗА НАПЛАТА ОДИ ТЕШКО

Сепак велат дека за одредени компании и физички лица кои со години се појавуваат на Листата на должници постапката за наплата на долгови е отежната или истата е невозможна.

На последната листа на должници која ја објави УЈП намален е бројот на физички лица кои се должници на по основ на неплатен данок, а намален е и износот на долгот кој граѓаните и фирмите го имаат кон УЈП.

На последната Листа на должници објавени се 2.459 должници - правни лица (помалку за 155 од претходната листа) и 1.749 физички лица (повеќе за 3 од претходната листа).

Вкупно објавениот нето долг изнесува 10.115.289.861 денари или околу 165 милиони евра, помалку за 603.283.106 денари од претходната листа.

Нето-долгот за даноци и придонеси изнесува 11.267.021.995 денари или околу 184 милиони евра (помалку за 617.069.590 денари од претходната листа), додека долгот за царински давачки е 42.554.490 денари (повеќе за 8.109.034 денари од претходната листа).

Од УЈП велат дека работат на изготвување на план со краткорочни и среднорочни мерки за ефикасно разрешување на состојбите со акумулираните даночните долгови.

„Покрај ревизија и утврдување на состојбите кај секој должник, треба да се разгледаат можности за оптимизација на процесите преку подобрување на законсите решенија, со цел да се намали создавањето на нови долгови кои потоа се кумулираат“, велат за еМагазин од УЈП.

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ ОВИЕ СТОРИИ

Листа на должници на УЈП: „Тутунскиот бос“ Бајруш Сејдиу должи 1,8 милиони евра данок на државата

Листа на должници: УЈП побарува 184 милиони евра за неплатени даноци и придонеси

Нова листа на должници на УЈП, проверете дали сте на неа

Хедис ДОО и Хедис маркети на Велија Рамковски должат 2,4 милиони евра неплатен данок на државата

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови