Незаконски трошени државни пари: Владата обелодени уште три случаи на злоупотреби од претходната власт

671 Views Октомври 13, 2017 Македонија Камелија Делија

Владата денеска обелодени три случаи за набавки, тендери и договори склучени од страна на минатата власт за која постојат основни индиции дека со нив е направена штета на Буџетот на Република Македонија.

Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски на прес-конференција истакна дека е побарана истрага од Министерството за внатрешни работи, како и започнување на постапка пред државното правобранителство.

Првиот случај се однесува за набавка на авиобилети од страна на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) во периодот од 2014 до 2017 година. Утврдено е дека одговорните лица во СОЗР по објавениот тендер за набавка на авиобилети доставувале барање  за понуди само до еден оператор, а не до сите како што биле обврзани со рамковните договори. Во овој случај Владата бара од МВР да спроведе истрага.

Вториот случај се однесува на сомнителни набавки во Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор од страна на фирмата „Атриум“ од Вевчани. Во овој случај постојат индиции дека се користени дампинг цени за стоки и услуги за кои реално се знаело дека нема да бидат набавувани со цел оваа компанија да биде најдобро рангирана во тендерската постапка. Владата бара од МВР да истражи како фирмата „Атриум“ да знаела точно кои производи и услуги ќе се набавуваат однапред.

Третиот случај се однесува на договорите за ангажирање на Александар Никовски, Џорџ Р. Пери и Јехшуа Шуки Глајтман за надворешни соработници на поранешниот премиер Никола Груевски. Потписник на овие договори е тогашниот шеф на канцеларијата на Груевски, Мартин Протуѓер. Постојат индиции дека потписот на Протуѓер е во спротивност со членот 6 од Одлуката за формирање на канцеларија на претседателот на Владата.

Портпаролот на Владата како пример посочи дека советникот на Груевски, Александар Никовски по разни основи добивал пари од Буџетот во висина од 217.490 евра. Во овој случај Владата има доставено барање за мислење до државното правобранителство.

ВМРО-ДПМНЕ: Наводите на Бошњаковски се неточни

Паѓаат во вода и последните очајни обиди на СДС со лаги и манипулации да се обиде да добие поен плус кај гласачите. Се што е направено е превземено согласно закон, за што е донесена и одлука на влада, и има позитивно мислење од законодството на владата на РМ, регираат на прес- конференцијата на Бошњаковски.

“Граѓаните видоа дека СДС за четири ипол месеци не направи ништо во насока на подобрување на нивниот живот, а се што прави е во насока на зголемување на своите лични сметки.

Наводите изнесени од страна на Владо Бошњаковски се целосно неточни и претставуваат крајно тенденциозен обид во очи на изборите да се манипулираат граѓаните. Тоа е очаен потег на очајни луѓе.

Според логиката на СДС, на Роберт Поповски, Цацко, Марјан Забрчанец, Зоран Бојаровски, Бојан Мричиќ, Петри Сарачини и Дарко Лешоски можат да му бидат советници и истите да бидат плаќани илјадници евра од парите на граѓаните, а Груевски не смее да има тројца советници кои донесоа нови 10.000 работни места.

Додека скапо платената плејада на демаскирани граѓански активисти на Заев од државниот буџет цедат илјадници евра, без притоа државата да има реален бенефит од тоа. Ни самиот Бошњаковски не верува во тоа што го зборува и по одразот на лицето му се познава дека се што зборува го зборува под невиден притисок и диктат.

Скапо платените лаги на СДС со парите на граѓаните, не поминуваат веќе. Граѓаните ќе му кажат не на СДС на претстојните локални избори на 15 октомври“, велат од партијата.

МИА

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

Никовски: Како советник донесов 83 милиони евра странски инвестиции

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови