Државниот инспекторат за животна средина открил неправилности при изградбата на жичарницата на Попова Шапка

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) се состанал со раководниот тим на ЕЛЕМ А.Д, Скопје на кој информирал за надзорот на изградбата на шестоседната жичарница на Попова Шапка.

Од ДИЖС информирале дека кога на 21 јули 2016 година извршилe надзор врз изградба на жичарницата, било утврдено оштетување на извори на водоснабдување на градот Тетово.

„Веднаш се издаде решение за забрана на сите активности до изнаоѓање на соодветно техничко решение, а во меѓувреме редовно да се известува ДИЖС за сите преземени активности. Решение за забрана за градежни активности е дадено и од страна на Овластен Инспектор за животна средина од Општина Тетово, согласно надлежностите на локалната смоуправа. Од страна на ЕЛЕМ, А.Д, Скопје е извршена санација на местото, а потоа не се преземаа никакви дејствија“, се вели во соопштението на ДИЖС.

На 5 октомври, при инспекциски надзор од страна на ДИЖС, со записник за констатација било утврдено дека е поместено предвиденото место за приемната станица на жичарата, а воопшто ДИЖС не бил писмено информиран за превземените активности.

„ДИЖС побара документација, нова дозвола за градба, измена на Елаборат за животна средина и мислење од страна на МЖСПП, кои не беа презентирани при надзорот. На 06 октомври при повторен надзор затекната е на лице место фирма Декон Ком од Скопје која не поседуваше соодветна документација. Државниот Инспекторат за животна средина издаде решение со забрана за работа за ЕЛЕМ, А.Д Скопје и фирмата Декон ком, Скопје за вршење секакви градежни активности во законски максимален рок од 90 дена. Од Општина Тетово е добиен записник и негативно мислење за изведената градба“ се додава во соопштението.

Оттаму информираат дека по законскиот рок, ДИЖС ќе изврши контролен надзор на истиот локалитет со правниот субјект, а во очекување е на средба со претставници од АД ЕЛЕМ Скопје во насока на вршење увид во документација што ја поседуваат, а поврзана со гореспоменатата жичара.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови