Кампања на Отворена порта „Бори се против трговијата со луѓе“: #ШтоГледаш? Затвори ја раната!

338 Views Октомври 13, 2017 Живот Редакција Емагазин

Шест лица беа идентификувани како жртви на трговија со луѓе минатата година. 6 семејства чии животи се уништени. Овие лица не се само бројка. Тие се луѓе, нечии пријатели, ќерки, синови, внуци и колеги.

Постојат многу приказни и урбани митови на оваа тема и секој кој ќе слушне за случај на трговија со луѓе го прифаќа со одреден сомнеж, не верувајќи дека такво нешто може да се случи во нашето опкружување. Лицата кои што преживеале трговија со луѓе се соочиле со страв и трепет кој ги ограничува сите нивни нормални општествени делувања.

Таков е и случајот со НН, 14 годишно девојче кое доаѓа од мал град во внатрешноста на Македонија.

Први со ситуацијата на НН се запознале службениците од Центарот за социјална работа, при што случајот бил регистриран како случај на воспитна запуштеност. При првичното интервју било забележано дека станува збор за семејство кое е во тешка економски состојба.

Никој во семејството на НН немал постојана работа, единствено добивале финансиска помош од Центарот за социјална работа.

Воедно, било утврдено дека се работи за дисфункционално семејство каде што таткото бил алкохоличар и често пати покажувал агресија врз своите деца. Ваквата ситуација траела подолго време и како последица на истата НН го напуштила училиштето и почнала се почесто да отсуствува од дома.

По извесно време НН заминала од семејната куќа и формирала вонбрачна заедница со НММ, кој имал 19 години и живеел со својата мајка.

Невенчаниот сопруг почнал да ја принудува малолетната НН да дава сексуални услуги, со изговор дека така нивното „семејство“ требало финансиски да се издржува, бидејќи никој од нив не работел и не добивал никаква финансиска помош.

Мајката на НН знаела во каква ситуација се наоѓа нејзината ќерка, но не преземала никакви мерки за да ја спечи сексуалната експлоатација. НН била фатена од полицијата како заедно со нејзиниот невенчан сопруг прима пари од „клиент“ и поради тоа била предадена во Центарот за социјални работи.

Малолетната НН била сместена во Прифатилиштето каде што Отворена Порта обезбедува услуги. Во разговор со неа е утврдено дека  две години била сексуална експлоатирана во различни кафеани.

По сместување во прифатилиштето НН е вклучена во програмата за социјална асистенција и за неа се обезбедени сместување, храна, облека, психо–социјално советување, медицинска помош, правна помош, повторно вклучување во училиште, итн. Таа се бори со злото на минатото, но полека го наоѓа херојот на иднината во самата себе.

НН не е единствената жртва, идентификувани се уште 5 други случаи минатата година, а се претпоставува дека многу други лица страдаат во ланецот на трговија со луѓе. Затоа преку кампањата на Отворена порта насловена „Што гледаш?“ се повикуваат сите кои се нашле во ситуација на трговија со луѓе или се сведоци, да се охрабрат и да ја контактираат организацијата на бесплатниот телефонски број 0800 11 11 1.

На оваа телефонска линија може да се пријават случаи на  трговија со луѓе или да се добијат повеќе информации на оваа тема.

Отворена порта (Ла Страда)  17 години работи на оваа проблематика во Македонија и до сега има овозможено помош и поддршка на 135 лица.

Преку својата редовна работа на терен и бројни кампањи за превенција од трговија со луѓе и рана идентификација, професионалците од Отворена Порта даваат сè од себе за да им помогнат на жртвите повторно да се вратат во општеството, да се образуваат и да најдат работа, да стекнуваат нови пријатели, да ја најдат својата љубов, да живеат и да бидат среќни.

Запознајте сè повеќе со трговијата со луѓе и на начинот на кој може да им помогнете на жртвите на официјалната веб страна и официјалниот Фејсбук профил на Отворена Порта (Ла Страда):

www.facebook.com/OpenGateMacedonia

www.lastrada.org.mk

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови