Арнаудова: Апелирам да се подигне свесноста за борбата против сиромаштијата

Здружението „Проект Среќа“, денеска одржа прес-конференција по повод 17. октомври, Меѓународниот ден за борбата против сиромаштијата. Здруженито втора година по ред го одбележува овој ден.

„Сакам да упатам апел до сите невладини организиции и до граѓанскиот сектор, да се подигне свеста за борбата против сиромаштијата. Сите ние страдаме од недостаток на емпатија, и за жал се уште има сопственици на компании кои своите работници ги тераат да ги вратат разликите. Апелирам до Владата и до сите нови градоначалници да го санкционираат тоа. Да им го вратиме достоинството на луѓето, и сите ние достоинствено да живееме. Само така можеме да бидеме среќни, ако успееме заедно, со иста цел“, рече на прес конференцијата Кристина Арнаудова, претседател на „Проект среќа“. 

Заменикот-министер за труд и социјална политика Елми Азири рече дека како министерство направиле чекори за намалување на степенот на сиромаштијата во Македонија.

„Планирано е до крајот на 2020 година, процентот на сиромашни семејства да се намали за 15 проценти. Во таа насока, ние како Министерство за труд и социјална политика контонуирано работиме на зголемување на процентот на социјална помош. Во наредниот период ќе следуваат актиности со таа цел. Најавуваме  целосна реформа во социјалата, и поголема помош на оние целни групи на кои им е потребна“, изјави Азири.

Идниот градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ нагласи дека ден за борба против сиромаштијата не треба да биде само денес, туку секој друг ден.

„Со помош на сите институции, ќе работам на намалување а сиромаштијата во Општина Центар како и во  цела Македонија. Ние како Општина ќе дадеме се од себе, и ќе ги превземеме сите мерки за да има што помалку сиромашни луѓе на нашата територија.

Социјално загрозените лице ќе бидат ослободени од сите давачки поврзани со градинките, училиштата, се со цел да им ги намалиме тие трошоци кои може да ги субвенционира Општината. Ќе продолжиме и со проектот „Банка за храна“, се со цел да има нула проценти гладни на територијата на Општина центар“, рече Богдановиќ и додаде дека уставно право на секој човек му е да се храни.

„Ќе се трудиме системски да најдеме начин тој проблем да го решиме трајно. Како градоначалник ќе се залагам социјално загрозените лица да имаат предност во вработувањето како и помош при барање на покрив над главата за луѓето кои го немаат.“, додаде тој.

Тони Станковски од здруженито „Љубезност“ кои секојдневно се на терен и им помагаат на многу семејства, рече дека процентот на сиромашни семејства во Македонија е дваест и еден, или 450.000 лица кај нас не можат да си ги дозволат сите оброци во текот на еден ден.

„Ова е алармантен податок и голема бројка. Затоа сакам ние како невладин сектор да ги поттикнеме граѓаните да ни се приклучат во нашите активности и акции се со цел да им помогнеме на луѓето во собирањето помош преку цела година“, истакна Станковски. На пресот, изјава за медиумите даде и Биљана Дуковска, од Македонската платформа за борба против сиромаштијата

По настанот, низ централното градско подрачје беа поделени флаери на случајните минувачи, со пораки од борците за човекови права и нивниот начин како да направиме подобро општество за сите. Во рамки на одбележувањето светскиот ден за борба против сиромаштијата, двете здруженија „Проект среќа“ и „Љубезност“  посетија 20 семејства на кои им ја однесоа потребната помош.

Во соработка со ЕВН помогнаа да се надминат проблемите со приклучок за струја кои доста семејства ги имаат. Министерството за труд и социјална политика на семејство кое живее без социјална помош му помогна да ја добие.

Мисијата на „Проект среќа“ е да ја подигне свеста за општествената одговорност кај компаниите и на физичките лица. Во одбележувањето на денешниот ден со донации се приклучија компаниите АМСМ, Жито лукс, печатницата Софија од Богданци, Еуростандард банка и Фондацијата Фридрих Еберт.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

Најчитани вести