Хрватска ја „тресе“ случајот „Агрокор“: Ќе ги „чепне“ ли некој македонските олигарси?

2016 Views Октомври 19, 2017 Наша тема Петре Димитров

Деновиве на многу Хрвати, а богами и на многу жители од регионов не им се верува дека Ивица Тодориќ, еден од најбогатите бизнисмени на овие простори може да заврши во затвор.

Вчера судот во Загреб во отсуство му изрече мерка притвор на Тодориќ, познат на пошироката јавност како првиот човек на „Агрокор“.

Тој не се појави во судот, но преку негови претставници најави дека во текот на неделава ќе дојде во Хрватска од странство. И неговите синови, Иван и Анте, по кои исто така трага истражниот суд, не се појавија на рочиштето. Се претпоставува дека целото семејство Тодориќ се наоѓа во Велика Британија.

Судот заклучи дека Тодориќ треба да биде притворен поради опасноста да го попречи судскиот процес и да влијае на сведоците, и дека поради тоа треба да му се изрече притвор.

Против неколкуте осомничени во случајот „Агрокор“ полицијата поднесе кривична пријава за злоупотреба на довербата во стопанското работење, фалсификување службени документи и прекршување на обврската за водење на трговски и деловни книги.

Ние нашите ги „тапшаме“ по раме

Се сеќавате на ваква акција против некој македонски богаташ или по модерно олигарх? Не? Тоа е поради тоа што никогаш кај нас немало таква акција.

И покрај тоа што многу досегашни македонски влади се „сскаа„ дека ќе се пресметат со нашите олигарси, чии имиња мислам дека веќе ги знаат и малите деца, на крај не испадна ништо.

И покрај апла доказите дека перат пари, не плаќаат данок, рекетираат, уценуваат, водат двојно сметководство, шверцуваат и што ли уште не, тие продолжија мирно да си пловат и да си го зголемуваат богатството.

Нивната формула за успех е многу проста. Финасиски ги помагаат сите можни политички гарнитури и излегуваат во пресрет за се што треба.

Во една прилика еден од нив за време на интервју кога го прашав како успеал да преживее, со победничка насмевка, ми рече: „Па јас на сите им давам, затоа не ме чепкаат„.

Убаво за него, ама лошо за илјадниците работници што за време на многу пати оспоруваната македонска приватизација, ја изгубија не само работата, туку и фирмите кои со години ги граделе со свои раце.

Иако за приватизацијата во земјава никој нема да каже дека била како што треба, сепак ни една влада не седна да пресмета како, колку и зошто. Па реално никој „као“ незнае колку пари изгубивме или добивме од неа. Неофицијално од приватизацијата се „украдени“ од 5 до 15 милијарди долари. Можеби и повеќе. Најверојатно никогаш нема да дознаеме.

Пред неколку години работев на истражувачка приказна за тоа како биле потрошени парите од продажбата на Телеком. Сознанијата до кои дојдов беа страшни. Најголем дел од парите беа потрошени за време на широката коалиција, која се роди од воениот конфликт во 2001 година. Истражувањето со докази покажа дека поголемиот дел од парите наместо за водоводи, школи и други работи кои ќе ни го олесната животот, завршиле во бунар без дно. И нормално, никој не одговараше за тоа. Станува збор за милиони и милиони евра.

Благодарение на вакви криминални шеми и политичарите ни станаа олигарси. Шемите со текот на годините стануваа се „посовршени“, а благодарение на т.н. „бомби“ дознаве до кај стигнале истите во „развојот“ изминативе десет години.

Рака на срце, имаше обиди на државата да оспори дел од овие приватизации, но народски кажано: „тоа беше гола вода“ или помодерно: “замајување на јавноста за дефокусирање„ и нормално на крај ништо од најавите за поништување на приватизацијата. Повеќето дела се веќе застарени.

И, да имаше „као“ муабети и предлози за амнестија на капиталот, нешто слично како што направи бугарската мафија со „инвестирање„ на „црните“ пари на бугарското крајбрежје со амин на државата. Ама и тоа остана само „као“.

До ден денес на нашите олигарси влакно не им фали. Никој не ги прашува кај им се, колку им се парите, а некои од нив се дури и дрски, па од време на време и дури ќе се пожалат дека они немале пари, медиумите ја дуеле приказната или тие што „им ги мереле“, погрешно го правеле тоа.

А дека нивните „големи“ пари одамна не се тука покажаа неколку странски истражувања.

Според едно од нив, од Македонија илегално се изнесуваат во странство во просек по 550 милиони долари годишно, што ја става земјава на средината, односно на 74. место од 144 земји во светот со најголеми нелегални парични текови, покажува извештајот на истражувачката куќа „Глобал фајненшел интегрити“ (Global Financial Integrity) од Вашингтон.

Истражувањето пак на Меѓународниот конзорциум за истражувачко новинарство, ги потврди шпекулациите присутни со години, дека и Македонци чуваат големи пари (барем за наши услови) во швајцарски банки.

Истражувањето покажа дека во швајцарскиот огранок на британската банка ХСБЦ, која им помагала на богатите клиенти да избегнуваат плаќање даноци и да скријат милиони долари има и 9 клиенти од Македонија, кои на 15 сметки имале 164 милиони долари, а само едно од нив имало 54,6 милиони долари.

Сметките на клиентите од Македонија се отворени во периодот од 1988 до 2006 година.

Никогаш не дознавме кои се овие лица.

Следеше и мега аферата „Панамски документи“, каде повторно „испливаа„ Македонци, но и таа приказна е без епилог.

Македонските медиуми низ годиниве пишуваа и за изнесување пари и на Кипар, во Лихтенштајн, Белизе, Девенствени острови, екс советски републики...

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Петре Димитров

Професионален дипломиран новинар со долгогодишно искуство. Најмногу сака да патува и да прави возбудливи репортажи, но за да јавноста биде објективно информирана следи и бизнис и политика.