Како растеше и паѓаше империјата на Тодориќ: Од цвеќар до тајкун, па во затвор

Судот во Загреб во отсуство му изрече мерка притвор на Ивица Тодориќ, сопственикот на Агрокор, еден од најбогатите луѓе во регионот, додека другите 12 лица кои се осомничени покрај него беа пуштени да се бранат од слобода.

Тодориќ не се појави во судот, но преку негови претставници најави дека во текот на неделава ќе дојде во Хрватска од странство. И неговите синови, Иван и Анте, по кои исто така трага истражниот суд, не се појавија на рочиштето. Се претпоставува дека целото семејство Тодориќ се наоѓа во Велика Британија.

Судот заклучи дека Тодориќ треба да биде притворен поради опасноста да го попречи судскиот процес и да влијае на сведоците, и дека поради тоа треба да му се изрече притвор.

Ќе се спаси ли Агрокор?

Најмоќната бизнис империја во Хрватска, Агрокор, присутна со свои бизиси на целиот Балкан е пред целосен колапс, а додека доверителите кои ја превземаа компанијата и се обидуваат да ја нормализираат состјбата хрватскиот суд почна судска постапка против Тодориќ и неговите соработници.

За да излезе од состојбата во која се наоѓа, хрватскиот гигант и неговите кредитори во април годинава потпишаа т.н. „стендстил“ договор.

Договорот беше потпишан по состанокот на најголемите добавувачи на Агрокор и банките-доверители, а со него се спречи можност за т.н. непријателско преземање на компанијата.

За решавање на кризата мобилизиран е и државниот врв, со оглед на стратешкото значење на овој концерн за националната економија, заради  годишниот обрт од околу 7 милијарди евра и 60.000 илјади вработени, од кои што половината се во Хрватска.

Кога се појавија првите знаци на криза во Агрокор?

Проблемот со долговите и отплатата на кредитите на Агрокор уште во февруари годинава прв го најави рускиот амбасадор во Хрватска, Анвар Азимов, кој што на прес конференција кажа дека неговата земја очекува од Агрокор да ги исполни сите свои обврски по кредитите и дека во тој момент не се разгледувало одобрување на нов кредит за концернот.

Според податоците на Вечерњи лист, се проценува дека руската држава преку банките Sberbank  и VTB држи околу 1,5 милијарди евра од вкупно 3,4 милијарди евра долг на Агрокор.

Отворањето на приказната за големите проблеми на Агрокор и недостигот на официјални и прецизни информации предизвикаа хистерија во хрватската влада и на пазарот на капитал.

Акциите на компаниите на Агрокор во само еден ден потонаа за десетина проценти. 

Кои беа клучните грешки на Тодориќ

Преголем залет во земјоделското производство со помош на скапи обврзници, прескапата авантура со аквизицијата на словенечки Меркатор и преголемото потпирање врз младиот и недоволно искусен прв човек за финансии во Агрокор се трите клучни грешки на Тодориќ според хрватските аналитичари.

Според анализите на хрватските медиуми, Тодориќ направи грешка што премногу сакаше да биде пионер на обновата на хрватското производство, особено земјоделското, пред се преку издавање на обврзница за да се заживеат големите земјоделски комбинати од социјализмот- ПИК Винковци, Белје, Вупик.

Исто така Тодориќ беше преамбициозен и во сегментот на трговијата, пред се преку судбинската инвестиција – словенечки Меркатор. Многу експерти денес толкуваат дека наводното преплаќањето на Меркатор било клучната грешка.

Третата клучна грешка на Ивица Тодориќ која што отпосле сите ќе ја воочат лесно, е лошото финансиско менаџирање.

Како се создаваше Агрокор

Приказната за тоа Како Ивица Тодориќ стана најбогатиот човек на Балканот и како ја изгради својата империја е многу интересна. Во бизнисот влегол уште во седумдесеттите години на минатиот век, откако го наговорил својот татко да почнат со производство на цвеќе.

Со цветниот бизнис го освоил пазарот на поранешна Југославија, а бизнисот почнува да го шири од 1989 година кога биле донесени првите закони кои го дозволувале тоа.

Купувал компании една по друга, за да крај го контролира речиси целиот пазар на храна во Хрватска. Сладолед, вода, мајонез, месо, жито, Тодориќ има се под своја контрола, со исклучок на млекото.

Тодориќ, сега е најбогатиот, а воедно и најголемиот вработувач во Хрватска, по хрватската држава.

Годишниот приход на неговата компанија изнесува нешто помалку од 7 милијарди евра, за него во Хрватска работеа околу 60.000 луѓе, и уште 30.000 илјади во Србија и во Босна и Херцеговина.

Агрокор се повлече од Македонија

Агрокор беше присутен и на македонскиот пазар. Во 2011 година отвори откупно дистрибутивен центар за овошје и зеленчук во Струмица. Сепак после четири години во 2015 година, Тодориќ го продаде бизнисот со откуп на зеленчук и овошје на компанијата Агрофруктус, во кој освен откупниот центар во Македонија влегоа и уште пет други компании во регионот. 

ПРОЧИТАЈТЕ ЈА И ОВАА СТОРИЈА

(ФОТО) Мермер, злато, скапо дрво и раскош: Како изгледа дворецот на семејството Тодориќ?

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот