Акционерите под 5% се уште се тајна: Ќе ги направи ли новата Влада „ситните“ акционери во компаниите достапни за јавноста

Во Македонија се уште е тајна кои акционери поседуваат под 5% од акциите во компанијата. Иако многу работи се сменија на пазарот на капитал во последниве неколку години, сепак јавното објавување на „ситните“ акционери во македонските компании се уште не е транспарентно.

Пред пет години СДСМ кога тогаш беше во опозиција, односно тогаш пратеничката Радмила Шекеринска поднесе измени на Законот за трговски друштва со кои се бараше компаниите транспарентно да ги објават сите акционери кои имаат акции во кмпаниите. Но овој предлог тогаш не помина во Собранието.

Сега кога СДСМ дојде на власт и вети голема транспарентност, се отвара прашањето што ќе се случи со оваа иницијатива. 

Сега, според законската регулатива, акционерот што има 4,9% од акциите и тој со 5,1% уживаат различен третман во поглед на транспарентноста. 

Ако некој потенцијален инвеститор сака да ја дознае сопственичката структура на некое акционерско друштво, односно да види кој сè управува и одлучува за него, на страницата на Централниот депозитар за хартии од вредност може да ги дознае само сопствениците на удели поголеми од 5%. 

Кога некој инвеститор одлучува да вложи во некоја компанија многу е важно да знае како работи компанијата, кој ја раководи и сл., информации кои многу ќе му помогнат да ја донесе вистинската одлука.

Да се дознае информација од ваков тип треба да сте акционер и да се поседувате најмалку 1 акција. Тогаш имате увид до Акционерската книга каде можете да ги видите сите акционери.

Некои од македонските компании пред неколку години јавно на сопствена иницијатива ги објавија акционерите кои поседуваат акции под 5% во компанијата. Но, останатите компании не ја следеа нивнита иницијатива.

Во земјите од регионот ова веќе не е табу-тема. На пример, во Србија јавно се достапни имињата на сите акционери во компаниите. Зошто тоа не е случај и во Македонија? 

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот