ЕУ го објави 15. конкурс за наградата „Жан Моне“ на тема „ЕУ за тебе?“

261 Views Октомври 25, 2017 Бенчмарк Редакција Емагазин

Делегацијата на Европската унија го објави 15. конкурс за наградата „Жан Моне“ за најдобри достигнувања во покривањето на теми поврзани со темата „ЕУ за тебе?“.

Наградата „Жан Моне“ ќе биде доделена во три натпреварувачки категории најдобар објавен новинарски напис (за стории објавени во печатени медиуми и/или на Интернет), професионална фотографија ( за фотографии објавени во печатени медиуми и/или на Интернет) и аматерска фотографија.

Творбите, кои ќе учествуваат за најдобра новинарска сторија треба да бидат авторски стории на тема „ЕУ за тебе?“, објавени во национални весници, списанија и на веб-страници. 

Сториите треба да ги исполнуваат следните критериуми: да се однесуваат на темата „ЕУ за тебе?”, да е објавена во периодот меѓу 20 ноември 2016 и 19 ноември 2017, да е потпишана со вистинското име на авторот, авторот да е македонски државјанин.

Копии од новинарските стории во дигитален ПДФ формат, заедно со изјава во писмена форма, потпишана од авторот, со која гарантира дека таа/тој е автор на сторијата, треба да се испратат на следнава електронска адреса JMcompetition@euic.mk најдоцна до 20 ноември во 18.00 часот.

Секој од пријавените ќе добие потврда за прием по електронска пошта од страна на ЕУ инфо центарот.

Наградата во оваа категорија е статуетка, диплома и парична награда од 1.000 евра.

Конкурс за најдобра репортерска фотографија е отворен за сите професионални фоторепортери и фотографи од земјата, кои може да поднесат до три фотографии на тема „ЕУ за тебе?.

Фотографиите треба да ги исполнуваат следните критериуми: темата на  фотографијата да биде „ЕУ за тебе?”, фотографијата да е објавена во периодот од 20 ноември 2016 и 19 ноември 2017, да не се користени за комерцијални цели и авторот да е македонски државјанин.

Копии од фотографијата/фотографиите во дигитален формат (големината на секоја фотографија треба да биде 3-5 МБ), заедно со изјава во писмена форма и потпишана од авторот со која гарантира дека таа/тој е автор на фотографијата, треба да се испратат на следнава електронска адреса: JMcompetition@euic.mk, најдоцна до 20 ноември во 18.00 часот. Секој од пријавените ќе добие потврда за прием по електронска пошта од страна на ЕУ инфо центарот.

Наградата во оваа категорија е статуетка, диплома и парична награда од 1.000 евра.

Конкурс за најдобра аматерска фотографија е отворен за сите фотографи аматери од земјата кои може да достават една фотографија на тема „Човекови права”. Фотографиите кои се натпреваруваат во оваа категорија може, но не мора, да бидат претходно објавени.

Фотографиите треба да ги исполнуваат следните критериуми: темата на фотографијата да се однесува на човековите права, фотографијата да не е користена за комерцијални цели, авторот да е македонски државјанин.

Кандидатите за оваа категорија треба да ги испратат своите пријави на следнава електронска адреса JMcompetition@euic.mk, најдоцна до 20 ноември до 18.00 часот.

Секој кандидат може да испрати по една фотографија (големина на фотографијата 3-5 МБ), како и да гарантира дека тој/таа е автор на фотографијата со испраќање на изјава во писмена форма на истата електронска адреса. Секој од пријавените ќе добие потврда за прием по електронска пошта од страна на ЕУ инфо центарот.

Наградата во оваа категорија е диплома и парична награда од 500 евра.

Жири комисијата ќе се состои од седум члена, претставник од Делегацијата на ЕУ, Секретаријатот за европски прашања, минатогодишниот победник во рамки на категоријата за најдобра репортерска фотографија, минатогодишниот победник во рамки на категоријата за најдобра новинарска сторија, претставник од новинарско здружение, претставник од ЕУ инфо центарот како и почесен претседател на жирито.

Свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 14 декември 2017 година.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови