Нов систем во Шенген зоната: За влез и излез од ЕУ без печат на пасош

364 Views Октомври 26, 2017 Бенчмарк Редакција Емагазин

Најавен е нов европски систем за влез и излез од Шенген зоната. Се воведува автоматизирана контрола на податоците на патниците на границите. Наместо досегашното рачно заверување на пасошите со печати, патниците своите биометриски податоци сами ќе ги оставаат на електронските панели при преминување на границата.

Сегашните редици и задржувања на граничните премини при проверка на документите  од 2020 година треба да станат минато.

Системот за влез и излез (ЕЕС), што го предложи Европската комисија, а го усвои Европскиот парламент, предвидува патниците, при доаѓање на надворешната граница на Шенген зоната, да можат сами да го скенираат својот пасош, при што ќе бидат фотографирани и ќе им се земе отпечаток од прстите.

Оваа електронска процедура патниците ќе ја извршуваат самостојно во автоматизирани шалтери што ќе бидат поставени пред преминот на границата.

- Тоа ќе го замени рачното заверување на пасошите со печат. Новиот систем ќе ја забрза и зајакне граничната контрола кога се во прашање сите граѓани од трети земји кои патуваат во ЕУ, изјави за агенцијата Танјуг портпаролката на Европската комисија Тове Ернст.

Користејќи ги тие автоматизирани шалтери, патниците, наместо да чекаат во редови за да стигнат до службеникот на граничниот премин, ќе ја започнат процедурата за пасошка контрола.

Добиените информации автоматски ќе се проверуваат низ базата за безбедносни податоци за да се утврди можна злоупотреба на документите или надминување на дозволениот временски период за престој во Шенген зоната.

По самостојното скенирање, патниците, според правилата на новиот систем, ќе бидат насочувани на гранична контрола каде што службениците пред себе веќе ќе ги имаат податоците за лицето кое ја преминува границата.

- Службениците на граничната контрола можат да поставуваат и дополнителни прашања пред одобрувањето или одбивањето на влезот во Шенгенскиот простор, се наведува во документот на Европската комисија.

Во Европската комисија го повторуваат правилото дека сите граѓани на земјите кои се изземени од визниот режим на ЕУ на територијата на ЕУ можат да останат 90 дена во рамки на период од шест месеци. Се додава дека актуелниот систем на печатирање на патничките документи може да биде комплициран за читање и за пресметка на периодот за истекување на престојот во ЕУ.

- Системот за влез и излез (ЕЕС) автоматски ќе ја пресмета должината на престојот на граѓаните од трети земји кои имаат право на краток престој во ЕУ. Системот ќе ги предупредува граничните контроли во случај на граѓаните од трети земји да им се приближува истекувањето на дозволениот 90-дневен престој во период од 180 дена, изјави европскиот комесар за миграции и внатрешни прашања Димитрис Аврамопулос.

Во ЕУ нагласуваат дека сите преземени иницијативи со цел унапредување на Шенгенот, меѓу кои и електронскиот систем за одобрување влез (ЕТИАС) и системот за надзор на влез и излез, ја промовираат мобилноста меѓу ЕУ и третите земји, вклучувајќи го и Западен Балкан и придонесуваат за борба против тероризмот и криминалот.

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

Најчитани вести