Како пропадна Скопски саем?

По 67 години Македонија остана без сајмиште. Информацијата дека словенечката групација Ера која беше сопственик на Скопскиот саем го изгуби имотот поради долгови кон банките и дека сега на таа локација ќе се гради трговски центар и станбен и деловен простор е главна тема во медиумите последните неколку недели.

Но, се чини дека ваквото сценарио беше очекувано. После 16 години управување со скопското сајмиште и плановите и проектите за модернизација на Ера Групацијата заминуваат во историјата, а со нејзе и скопското сајмиште.

Што се случи со Скопскиот саем?

Скопски саем е основан 1950 година кога е одржан првиот Меѓународен саем за широка потрошувачка. Оттогаш па во наредните пет декади Скопски саем прерасна во значаен играч на регионалните и светските пазари.

Скопски саем беше приватизиран во 2001 година. Тогаш го купи словенечката Ера Групација. Шест години подоцна во 2007 година беше најавена инвестицијата и изградбата на Ера Сити, регионален деловно – трговски центар.

Половина година подоцна беше поставен камен темелник за Ера сити Скопје и бизнис зградата што требаше да претставува прв објект на еден од најголемите и најсовремен деловни трговски и забавни центри во регионот.

Вкупната инвестиција се проценуваше на 150 милиони евра и требаше да почне со изградба во февруари 2008 година.

На самиот старт дојде до доцнење на изградбата. Роковите се поместија за март-април 2008 година. Во мај градежната компанија „Гранит“ започна со градба на инфраструктурата. Беше ископана градежна јама каде што требаше да се гради објектот, но две години подоцна се уште не беа поставени ни темелите.

Од компанијата тогаш информираа дека финансиите се проблем за стартот на изградбата на бизнис центарот. Информацијата која дојде од Ера Групацијта беше дека се бара партнер инвеститор за да продолжат со изградба.

Објаснувањето на инвеститорот беше дека поради финансиската криза не успеале да се договорат со неколку компании кои биле заинтересирани за изградба,

Во 2011 година, речиси четири години откако беше најавена, Словенците и официјално соопштија дека ја стопираат инвестицијата.

Во март 2016, Скопски саем и официјално го даде на продажба местото каде што требаше да се изгради најголемиот деловно–трговски објект Ера сити.

Според информациите кои тогаш беа објавени во медумите Комерцијална банка уште тогаш сакаше да го одземе имотот на компанијата Ера, но менаџментот некако ги убедил банкарите дека сам ќе најде купец.

Но, менаџментот не успеа со планот да најде купец.

После една година, минатиот месец бугарската компанија Кардфајнанс го купи имотот на Скопскиот саем од Комерцијална банка и НЛБ банка кои го имаа запленето поради ненаплатени побарувања.

Десетина дена потоа албанската инвестициска групација Балфин груп објави дека на тамошната локација ќе гради гигантски трговски центар за кој е предвидено да бидат инвестирани до 300 милиони евра.

Но, се отвара прашањето што ќе се случува со компанијата Скопски саем која што организира саемски манифестации. Дали после сајмиштето како објект, Македонија ќе остане и без саемски манифестации.

Последниот саем Технома, беше дислоциран и наместо во халите на Скопски саем беше преселен во спортскиот центар Борис Трајковски.

Од Скопски саем негираат дека со продажба на имотот на Саемот ќе згаснат и саемските манифестации, односно засега најавија дека ќе ја продолжат дејноста и во иднина ќе бараат соодветна локација на која што понатаму ќе се оджуваат саемските манифестации.

Скопски саем одржува 13 саемски манифестации годишно и има 33 вработени.

Во текот на 67-годишното постоење на Скопски саем се одржаа бројни манифестации: Модест, Мебел, Саем на книгата и либрографика, Денови на образование и кариера, Инфоком, Саем за аудио и видео, Балканска туристичка берза, Скопје Травел Маркет, Одбрана и заштита, Аутоекспо, Медицина, Агрофуд, Скомеса, Агроекспо, Технома, Саем за транспорт и логистика, ЕкспоБитола, Алтравита, Саем на градежништво, Модна недела (Fashion week), Вински фестивал, национални претставувања и промоци, бројни концерти и ивенти...

Фото: Скопски саем

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

Како Самир Мане стана милијардер, а Балфин груп една од најголемите инвестициски компании на Балканот

По Сити мол, Балфин груп ќе се гради нов голем трговски центар во Скопје

„Технома“ презакажана на друга локација: Ќе остане ли Македонија без Саем?

Бугарската „Кардфинанс“ го купи Скопски саем

ЕКСКЛУЗИВНО: Комерцијална банка и НЛБ банка продадоа запленет имот од „Скопски саем“ за над 16 милиони евра

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот