Иван Скендероски – Основач на Salience: Македонија има потенцијал, само мора да изгради национална оптичка мрежа

Иван Скендероски е Македонец кој својата кариера веќе подолго време ја гради надвор од својата држава. Тој скоро една декада живее и работ во Дубаи. Основач и управувачки партнер на Salience- организација за телекомуникациски менаџмент консалтинг и професионални услуги која се наоѓа во Дубаи, ОАЕ.

Скендероски има повеќе од 17 години посветено телекомуникациско искуство низ Европа, Азија и Блискиот Исток. Пред Salience, Скендрероски  работел за British Telecom на бројни улоги не само во Британија, туку и во Азија, Европа и Блискиот Исток.

Скендероски е еден од говорниците на годинешниот Самит на Македонија 2025, а ќе зборува на панелот посветен на можностите и предизвиците кај медиумите и телеком индустриите.

Во интервјуто за еМагазин, Скендероски вели дека Македонија е земја со голем потенцијал, пред сè поради својата големина и меѓународните партнерства кои може да ги искористи.

Смета дека телекомуникацискиот сектор во Македонија треба да се движи во насока на развивање на оптичката инфраструктура која ќе може да го поддржи развојот на паметните градови, интернет на нештата (Internet of Things) и размената на податоци.

Тој веќе има отворено локална канцеларија на Salience во Македонија, а во план има и друга инвестиција во земјава која не е поврзана со телекомуникации.

Оваа година сте еден од спикерите на Самитот на Македонија 2025, како еден Македонец кој што успеал да развие сопствен успешен бизнис надвор од сопствената земја. Кој беше вашиот предизвик да успеете надвор и каков е патот до вашиот успех?

Гледајќи наназад, поточно 18 години од денес, не би рекол дека чувствував некој личен предзвик да успеам надвор од нашата држава.

Тоа повеќе беше желба за авантура, да се отиде во друга средина во која сè ти е непознато, па си приморан брзо да учиш и да се приспособуваш. Јас мислам дека за да се напредува мора да се биде надвор од комфорт зоната, без разлика дали е тоа фамилија, пријатели или социјална средина, важно e да се биде на границата на немир, бидејќи тогаш сте оставени самите на себе и единствениот избор е да направите нешто.

Јас мојот животен пат никогаш не сум го планирал. Пред да завршам во Обединетите Арапски Емирати јас живеев во Европа (Велика Британија) и Азија (Малезија и Сингапур).

Започнав да работам во British Telecom (BT), компанија во која доколку имаш амбиции и желба да напредуваш ти пружа можност тоа да го направиш, бидејќи можеш да менуваш позиции помеѓу сектори или да бидеш дел од меѓународни проекти во државите каде компанијата има свои канцеларии.

Јас токму тоа и го направив, доколку се пружаше можност јас бев таму. Јас сум од онај калибар на луѓе кои прво пробуваат нешто, а помалку анализираат, бидејќи јас сметам дека е подобро да се вложи енергија да се поправи нешто, отколку да се размислува на тоа што би можело да тргне наопаку.

Експерт сте во телекомуникацискиот сектор, а на Самитот Македонија 2025 на македонската бизнис заедница ќе ги претставите можностите и предизвиците во медиа и телеком индустријата. Кои се последните трендови?

Сметам дека телекомуникацискиот сектор треба да се преименува во нешто друго, бидејќи она што се случува денес и каде одат денешните трендови, нема многу допирни точки со првобитното име – телефонски комуникации. Би напоменал два тренда кои ги зафаќаат сите земји, повеќе или помалку:

1.Создавање на нова широкопојасна интернет (broadband internet) инфраструктура. Предизвикот тука е замена на традиционалните (бакарни) мрежи со оптичка мрежа и напредна безжична мрежа. Станува збор за мрежи кои ќе можат да поддржат апликации во наредните 40 години.

Тоа може да изгледа едноставно на хартија меѓутоа економската анализа за инвестиција во овие мрежи не е секогаш позитивна и традиционалните телеком оператори не можат да ја оправдаат инвестицијата врз база на финансиска анализа. Затоа во повеќето случаи се прави социо анализа и државата е таа која инвестира во развој на оваа мрежа.

Посебен проблем е поврзувањето на руралните делови од земјата каде инфраструктурата е значително поскапа поради низа причини. Ние се бавиме со оваа тематика во последните 5 години на Блискиот Исток, како и од неодамна во нашето соседство преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и преку Светската Банка.

2.Паметни градови (smart cities) и интернет на нештата (Internet of Things  - (IOT). Тука станува збор за создавање на платформи кои овозможуваат да се користат низа податоци кои се собираат без човечка интеракција и истите да се анализираат, со цел да помогнат во некои секојдневни активности (паметен сообраќај, паметно улично осветлување, итн).

Тука спаѓа и интеракција на возилата и куќните апарати со системи кои овозможуваат автоматизација на низа функции кои претходно не биле возможни. Комуникациските мрежи се подлогата која го овозможува ова, па затоа и денешните телеком оператори се сè повеќе вклучени во создавање и експлотација на овие технологии.

Морам да напоменам дека сите овие трендови можат да имаат и негативна социјална страна, особено кај младите, кои стануваат зависници на константна поврзаност и се наоѓаат во свет кој постои само виртуелно.

Каде е Македонија на ова поле? Кои се насоките по кои треба да се развива телекомуникацискиот сектор во Македонија?

Македонија е земја со голем потенцијал, пред сè поради својата големина и меѓународните партнерства кои може да ги искористи. На пример, во 2006-та година, преку проектот Macedonia Connects, под покровителствто на УСАИД, Македонија стана првата безжична земја на светот.

Оваа инвестиција беше возможна поради тоа што Македонија е мала земја и има пристап до странски партнери и донатори. 

Како што напоменав, улогата на телекомуникацискиот сектор се менува во денешното општество.

Развојот на бизнисот и економијата се засноваат на брзата размена и обработка на податоци. Телекомуникацискиот сектор во Македонија треба да се движи во насока на развивање на оптичката инфраструктура која ќе може да го поддржи развојот на паметните градови, интернет на нештата (Internet of Things) и размената на податоци. 

Европската Унија има за цел до 2025 сите домаќинства да имаат пристап до брзина од 100 Mbps. Овие брзини се возможни со користење на мрежи од следната генерација како што се оптичкиот интернет (или на англиски Next Generation Access – NGA). Македонија со околу 30% од домаќинствата кои имаат пристап до NGA мрежи е далеку под европското ниво од 76%.

Инвестирањето во оптичка мрежа е скапо. Во Македонија, трендот е секој оператор посебно да ја развива оптичката мрежа. Најдобрите практики во светот укажуваат дека е поекономично и поисплатливо кога постои еден ентитет на национално ниво кој ја гради оптичката инфраструктура а потоа операторите го закупуваат правото да ја користат мрежата и да ги поврзат домаќинствата и правните субјекти со интернет. 

Земјите во регионот (Србија и Хрватска) развиваат стратегии и вложуваат во оптичка инфраструктура. Македонија е во предност поради тоа што може да извлече поуки од искуствата на другите земји во регионот и светот, и преку финансиска и техничка поддршка од европските и меѓународните партнери, Македонија може набрзо да ја изгради својата оптичка мрежа. Предизвикот ќе биде не само како да се финансира, туку како и истата да биде достапна за сите домаќинства. 

Дали Вие би инвестирале во Македонија, односно дали би започнале сопствен бизнис тука? Која е вашата перцепција, дали Македонија е конкурентна за странски инвестиции?

Јас веќе инвестирав во Македонија, со тоа што отворивме локална Salience канцеларија на почетокот од оваа година. Вработуваме различни профили (најчесто со економска или техничка позадина) на кои им се овозможува да работат на нашите проекти од Македонија или да патуваат во земјите каде што проектите се извршуваат.

Имам во план и друга инвестиција во Македонија која не е поврзана со телекомуникации.

Во однос на конкурентност за странски инвестиции, сметам доста се дебатира на таа тематика, меѓутоа споредбите се понекогаш ограничени.

Најчесто се споредуваме со држави од Источна Европа или Балканот заборавајќи дека сме на глобален пазар. Тоа не значи дека земјите од блиското опкружување не се конкурентни (напротив, некои од нашите соседи се доста агресивни на ова поле) меѓутоа ако станува збор за поширокото опкружување, некои од Азиските и земјите од Индискиот континент се далеку поконкурентни и пружаат многу повеќе.

На пример, јас бев дел од тимот кој ја основаше новата  канцеларија за истражување и развој на British Telecom во Куала Лумпур каде условите на владина поддршка беа фантастични.

Salience Македонија беше отворена без многу анализа за конкурентност, со цел да се проба и да се види, па времето ќе покаже.

Македонија има континуиран одлив на млад кадар во странство, посебно од ИТ и телеком секторот. Може ли да се спречи ваквиот тренд?

Зошто да се спречи? Младите треба да се конкурентни на глобално ниво, а ангажманите во странство им овозможуваат повеќе искуство и пошироки погледи на светот. Јас мислам дека проблемот не во одливот, туку во приливот.

Сведоци сме на нови трендови каде млади кадри од Западна Европа сега вршат прилив во земји од Источна Европа како што е на пример Унгарија, бидејќи иако примањата се пониски, исто така пониски се и животните трошоци, така што јас верувам дека квалитетот на живот на еден млад Британец во Будимпешта е многу подобар од централен Лондон.

Јас сметам дека треба да се стимулира прилив на млади од странство, заедно со прилив на Македонци кои сакаат да се вратат дома. Јас мислам дека статистички секоја година има сè повеќе странски студенти на нашите факултети, што е добар пример.

Веќе неколку месеци имаме нова Влада. Со оглед на тоа што вие сте бизнисмен кој работи надвор од границите на Македонија, што би и порачале вие на новата Влада кога станува збор за бизнисот. Кои се клучните услови и им се потребни на домашните компании да растат и да се развиваат? 

Не сум доволно упатен во проблемите на домашните компании, но сметам дека на домашните фирми им е потребна поддршка да имаат пристап до пошироките пазари. Од она кое јас го имам забележано е дека ние имаме проблем со тоа како да го презентираме она кое го нудиме или пак не го презентираме на вистинските луѓе/простори, или не знаеме да го реализираме она кое го нудиме. Знам дека ова звучи многу генерално, но мислам дека тоа е главниот проблем.

Јас мислам дека владата преку своите претставници во странство може да помогне во оваа насока, дали преку координација или финансиска поддршка за презентирање. Исто сметам дека и организациите како  Macedonia 2025 или слични други бизнис форуми би можеле да се користат за оваа потреба.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот