Краварска фарма „Милко ХФ“ e успешен пример како од мал семеен бизнис се станува кооперант на „Бимилк“

Со традиција уште од 1952 година, Млекара АД Битола денес е најголемиот производител на млеко и млечни производи во Р. Македонија, задоволувајќи ги секојдневно потребите на повеќе од милион потрошувачи.

Покрај долгата традиција и вложувањето во интерес на потрошувачите кои се и во фокусот на деловната стратегија на компанијата, Бимилк постојано инвестира и во развојот, модернизацијата и стандардизацијата на производството.

Дополнително, континуираниот развој на млекопроизводството преку воведување современи техники и технологии, изградбата на нови фарми, едукацијата на фармерите за да се обезбедат доволни количини сурово млеко со квалитет што ги задоволува највисоките светски стандарди – се само дополнителни фактори кои истовремено ја потенцираат и одличната соработка и посветеност на Бимилк кон своите кооперанти.

Одржувањето коректни партнерски односи на Бимилк со своите добавувачи, како и позитивното влијание врз развојот на фармите со цел да се обезбеди квалитетна суровина, се отсликуваат и врз работењето на краварската фарма „Милко ХФ“ од село Лагово, Прилеп.

„Милко ХФ“ од фамилијарна фарма станува успешен и профитабилен бизнис. Од само 56 грла крави во 1997 година, стигнува до сегашен фонд од 400 грла крупен добиток. Од моменталните 100 тони млеко месечно, презентира амбициозен план за развој со 226 тони млеко до 2021 година.

Всушност, краварската фарма „Милко ХФ“ е само уште една успешна приказна како со добар план на развој, менаџмент и посветеност во работата, од мал семеен бизнис се станува еден од најголемите кооператни на најголемата млечна индустрија во Македонија, млекарницата „Бимилк“.

Владимир Небрежанец, инаку основач на краварската фарма, раскажува како пред 20 години заедно со својот син, започнале со работа на „Милко ХФ“.

„Пред 20 години мојот син донесе цврста одлука дека сака да егзистира од фарма со крави. Тоа беше доволна причина да побарам прием во Битолска млекара и веднаш направивме договор. Фармата во 1999 година, 3-ти месец, беше градежно оформена за одгледување на 60 молзни крави и соодветен подмладок, како и потребен магацински простор за сместување на храна и опрема.

Од тогаш, постојано растеме, се унапредуваме, нашиот сточен фонд од година в година расте, а секако и количината на сурово млеко која што ја произведуваме“, вели Владимир Небрежанец, сегашен советник во краварска фарма „Милко ХФ“.

Тој вели дека нивниот раст се должи и на континуираните инвестиции, во поглед на набавка на опрема, зголемување на сточниот фонд, нови штали и магацински простор итн.

„Кога во нешто постојано инвестирате, особено ако за тоа имате пресметан план за развој, растот на бизнисот е неизбежен и сигурен. Овде неспорен е фактот дека голема заслуга за растот на нашата фарма има и Бимилк, кои постојано на еден или на друг начин вложуваат во унапредување на нашиот бизнис. Тука важно е да се напомене и дека во 2014 година со поддршка на Бимилк го проширивме фондот на јуници за + 50 грла.“, додава г. Небрежанец.

Така, денес краварската фарма „Милко ХФ“ располага со фонд на добиток од 400 грла, од кои 165 се молзни грла и испорачува повеќе од 3000 л млеко на ден, односно над 100 тони млеко на месечно ниво.

Неговиот син, пак, денес сопственик на краварската фарма, Кирил Небрежанец, објаснува дека во моментов располагаат со 4 штали од врзан систем во кои се сместени кравите, на вкупна површина од околу 3000 м2 и магацински простор од околу 2.500 м2, а со цел да ги задоволат нивните амбициозни планови, најави дека во периодот 2018 – 2020 година планираат нова штала од одврзан систем на дополнителни 3360 м2.

 „Развојот на нашата фарма се должи благодарение на сигурниот пласман на количините сурово млеко кое го испорачуваме и успешната долгогодишна соработка со најголемиот млекопреработувач „Битолска млекара“. Благодарение на оваа соработка долгорочно обезбедуваме стабилен откуп на произведеното кравјо млеко, а тоа е предуслов за сигурно инвестирање и во проширување на репродукцијата“, вели Небрежанец.

Тој се осврна и на факторите за развој на нивниот бизнис и континуираната поддршка која ја добиваат од Бимилк во однос на авансирање на тековното месечно производство на млеко, финансиска поддршка во набавка на техника и технологија, стручни совети и консултации во секојдневните тековни прашања и проблеми, и тоа од фармери-специјалисти од европските земји, понатаму финансиска поддршка во набавка на храна и репроматеријали, поддршка за развој и зголемување на капацитетите итн.

„Од Бимилк веќе имаме најавено поддршка за развојот на новата штала која ја споменав, која ќе биде со капацитет од околу дополнителни 350 грла крави, а веќе за наредната 2018 година планираме инвестиција за нови 35 молзни крави, со што планираме да го зголемиме млекопроизводството на 145 тони сурово млеко месечно“, изјави Небрежанец.

Тој истакна и дека до 2021 година планираат да располагаат со 290 молзни крави, а до 2026 година и до 480 грла, што е зголемување на добитокот за вкупно 315 грла од сегашните 165.

„Со ваков план, естимираме дека во наредните 10 години ќе достигнеме испорака од 4420 тони сурово млеко, што не велам дека не е амбициозен план, меѓутоа е многу реален и пресметан“, додава тој.

Небрежанец, осврнувајќи се на заедничкиот позитивен интерес кои со Бимилк го имаат за зголемено производство на кравјо млеко, тој потенцираше:

„Ние знаеме и можеме да произведеме квалитетно сурово кравјо млеко, а „Битолска млекара“ знае да го откупи, преработи и на крајот продаде квалитетни производи со цел да го задоволи млечниот пазар во Македонија.“

За време на посетата на краварската фарма „Милко ХФ“ присутен беше и директорот на суровина во Бимилк, Драган Илиевски, кој истакна на кој начин млекарницата го унапредува квалитетот на примарното производство на млеко и какви сè инвестиции прави кон своите кооперанти.


 
„Како најголем млекопроизводител во земјата, Битолска Млекара континуирано инвестира во македонската млечна индустрија на повеќе различни начини, но првенствено преку поддршка и вложување во примарното производство на млеко. Од исклучителна важност е да се вложува во квалитетот на примарната суровина доколку сакаме на крајот на денот да имаме квалитетни производи на полиците и ги задоволиме нашите строги стандарди, а се разбира и барањата на нашите лојални потрошувачи“, изјави Драган Илиевски.

Тој наведе повеќе мерки и начини кои Бимилк ги изнаоѓа за да ги стимулира фармерите, а сѐ со цел за да се подобри ефикасноста на нивното работење. Првенствено го спомена стабилниот откуп на млеко кој го гарантираат на нивните фармери, а понатаму и инвестициите во едукација на фармерите, финансиската поддршка за земјоделска опрема, технологија, сточна храна, проширување на капацитетите на фармите, а секако и увозот на јуници што во последните неколку години резултираше со зголемување на откупот на сурово млеко за 30 проценти. 

„Квалитетот на суровото млеко мора да ги исполнува сите параметри според европската политика. Ние го препознаваме квалитетот и е исклучително важно да се избориме за навистина квалитетна суровина, особено што се соочуваме со недостиг на млеко на пазарот. „Милко ХФ“ е успешен пример за краварска фарма која обезбедува висок квалитет и која учествува со повеќе од 3% од вкупниот откуп на Битолска млекара“, истакна Илиевски.

Во следните 2 до 3 години, Илиевски откри дека Бимилк планира финансиска поддршка за набавка на нови квалитетни молзни грла, поддршка во унапредување на старите и изградба на нови штали наменети за молзна стока, поддршка при набавка на нови молзни системи и компјутерски системи за менаџмент на фармите, како и поддршка при обезбедување на квалитетен генетски материјал преку промоција на вештачко осеменување со семе од прогено тестирани бикови со врвен квалитет.

Во оваа насока, при посетата на краварската фарма „Милко ХФ“, беше најавено дека како и досега, така и во иднина, „Битолска млекара“ планира да продолжи со слични стимулативни мерки кон своите кооперанти со цел да обезбеди што поквалитетно сурово млеко и со тоа ги задоволи барањата и очекувањата на потрошувачите.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови