Граѓаните да се подготват за инфлаторен бран: Поскапуваат дизелот, храната, водата...

4646 Views Ноември 3, 2017 Наша тема Никола Осило

Македонските граѓани треба да се подготват и семејните буџети да ги прилагодат на инфлаторниот бран кој неизбежно ќе ја зафати Македонија во наредниот период, а ќе се манифестира преку поскапувањето на горивата, храната и најверојатно водата за пиење.

Имено, претставувајќи го буџетот за 2018 година, Министерството за финансии соопшти дека за три и пол денари ќе се зголеми акцизата на дизел горивата. Со оглед на тоа што станува збор за гориво кое најчесто го користат дистрибутивните и воопшто транспортните компании извесно е дека тоа ќе донесе поскапување на основните прехранбени продукти како што е лебот односно брашното, овошјето и зеленчукот.

Истовремено, Регулаторната комисија за енергетика најави промени на цените на водата за пиење односно нови регулирани тарифи за местата со над 10.000 жители, што најверојатно ќе донесе и поскапување на водата во одредени делови од Македонија.

Зголемувње на инфлацијата предвидува и Народната банка во најновиот квартален извештај во кој се вели дека по остварената минимална негативна стапка на инфлација во 2016 година, во 2017 година се оценува дека инфлацијата ќе забрза и ќе достигне 1,3 отсто.

„Притоа, се очекува сите компоненти на инфлацијата да бидат во зоната на позитивни промени, а главниот придонес да произлезе од повисоката базична инфлација, којашто сепак е умерена и конзистентна со оцените за благ позитивен производен јаз. Во 2018 година се очекува дека цените ќе продолжат да следат нагорна патека, при што стапката на инфлација би го достигнала историскиот просек од околу 2% на годишна основа“, соопшти НБРМ.

Се очекува растот на потрошувачките цени во најголема мера да произлезе од засилувањето на прехранбената инфлација, соодветно на проектираниот раст на светските цени на примарните прехранбени производи. Исто така, позитивен придонес ќе оствари и базичната инфлација, во услови на подобрување на домашната побарувачка.

Од друга страна, се очекува енергетската инфлација да биде негативна и со тоа да има надолно влијание врз вкупната инфлација, согласно со очекувањата за стабилизирање на цената на нафтата на светските берзи, по нејзиниот значителен раст во 2017 година.

Понатаму, се предвидува дека инфлацијата ќе се стабилизира во 2019 година, повторно гравитирајќи околу нивото од 2%, во услови на натамошен раст на домашната економија и на светските цени на храната и кај странската инфлација.

Главниот фактор на ризик во поглед на проекцијата за инфлацијата и натаму се поврзува со неизвесноста во поглед на идната динамика на берзанските цени на примарните производи, а особено на нафтата, имајќи го предвид неодамнешното повторно зголемување на геополитичките тензии и нивниот потенцијален одраз врз понудата на глобално ниво.

Гувернерот на НБРМ Димитар Богов вчера соопшти дека Народната банка имала информации за промени на акцизата, но во најновата проекција не била земена предвид бидејќи немале конкретна бројка.

„Направивме брза проценка и сметаме дека директниот ефект не е многу голем. Индиректниот во овој момент не можеме да го процениме, затоа што дизелот се користи во добар дел од економијата како инпут. Сепак, остануваме на проекцијата од два процента и сметаме дека нема да има позначително нарушување“, истакна Богов.

фото: telegraph.co.uk

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

Од 1-ви јануари водата за пиење ќе има нова регулирана цена

Владата од 1 јануари ја зголемува акцизата на нафтата за 3,54 денари

Граѓаните да се подготват за инфлација: Не очекува пораст на цените во наредните две години

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!