Кристина Озимец: Истражувачкиот филмски фестивал ќе ја подигне свеста кај јавноста за голем број на теми

Од денеска до 5.ноември во Скопје за прв пат се организира Истражувачки филмски фестивал, на кој ќе бидат прикажани неколку документарни филмови од сферата на истражувачкото новинарство, ќе се одржат неколку дебати, работилници...

Фестивалот е во организација на Платформата за истражувачко нoвинарство и анализи - ПИНА, во соработка со Фондацијата „Фридрих Еберт“ – Скопје, а еМагазин разговараше со еден од „виновниците“ за организирање на овој Фестивал, новинарката Кристина Озимец.

За прв пат кај нас ќе се одржи фестивал за филмови од областа на истражувачкото новинарство. Како дојдовте на таа идеја и што сакате да постигнете?

Уште летоска, со неколку колешки, млади ентузијасти и професионалци се собравме и ја формиравме Платформата за истражувачко новинарство и анализи - ПИНА. Нашата организација се залага за промоција и зајакнување на истражувачкото новинарство и професионалноста во медиумската средина во Македонија, но и за подобрување и унапредување на состојбата на жените новинарки во медиумите.

Организацијата пред се ја формиравме со сосема други идеи и замисли, особено околу развој на нашата веб страница и медиум - pina.mk, а идејата за фестивалот воопшто не постоеше кога се собравме.

Во тој период повеќе размислуваме околу вебот на ПИНА и визијата за нашата веб страница pina.mk да прерасне во медиумска платформа каде нашите читатели, следачи и фанови ќе може да најдат квалитетни и професионални истражувачки стории и новинарски анализи, интервјуа, како и поважни вести и мислења за значајните теми кои ги засегаат граѓаните во Македонија.

Во процесот, влијание имаше и праксата која ја имав во една организација за истражувачкото новинарство во Вашингтон, САД која пред неколку години таму го организираше првиот Истражувачки филмски фестивал.

Потоа посетив и други слични конференции и фестивали во Европа и САД, кои дефинитивно имаа улога за да се решам на ваков чекор и да добијам повеќе идеи за тоа што може да се направи за новинарите и сите кои ги интересираат вакви теми. Организацијата на ваков вид фестивали е релативно нов тренд и во светски рамки.

Добив блиц идеја дека можеби е можно нешто слично да пробаме да направиме и ние во Скопје, секако прилагодено на нашите услови, нашите проблеми и локални предизвици во новинарството и медиумите. Се надеваме дека фестивалот ќе внесе една свежина и нова енергија во домашниот медиумски простор и ќе стане мост на поврзување помеѓу новинарите од земјава и регионот, Европа и пошироко.



Кој се ќе биде гостин на фестивалот и што се е на програмата?

Истражувачкиот филмски фестивал - Скопје кој за прв пат се одржува во Македонија ќе трае три дена и ќе се одржува во Кино Култура. Програмата на фестивалот ќе биде поделена во два сегменти, со филмови посветени на истражувачкото новинарство и други медиумски трендови, како и бројни дебати и говорници од Македонија, регионот, Европа и САД кои ќе се фокусираат на разни актуелни теми од областа на новинарството и медиумите.

Отворањето на ИФФС е посветено на укажувачите, храбрите поединци кои обелоденуваат информации во име на општото добро. Затоа првото фестивалско издание годинава го носи слоганот "Whistle in the dark".

По прикажувањето на филмот „Да се биде укажувач“ (Being a Whistleblower) на францускиот новинар и режисер Беноа Бринже, публиката ќе има можност да ја проследи дискусијата на тема „Укажувачи: „тајни“ играчи кои може да ја променат историјата“.

Меѓу учесниците на дебатата посветена на таканаречените „свиркачи“, што ќе ја води македонската новинарка Сашка Цветковска, е и Бети Медсгер, легендарната американска новинарка која во 1971 година објавувајќи ги анонимно доставените документи земени од канцеларија на ФБИ, застана на страната на укажувачите и предизвика промена на законите и моќта што разузнавачките служби дотогаш ја имале врз народот. Таа ќе се обрати преку „Скајп“.

За промените до кои може да доведат укажувачите и храброста потребна за тој чин, на дебатата ќе зборува и Ѓорѓи Лазаревски, поранешниот началник од УБК, кој е еден од свиркачите кои ги протекоа таканаречените „бомби“ со што директно влијаеше на промените кои потоа настапија во нашата земја.

На истата дебата ќе говорат и Алесија Черантола и Беноа Бринже, истражувачки новинари кои беа дел од тимот репортери што работеше на истражувачката сторија „Панамските документи“, која ја освои Пулицерова награда. Група новинари од Македонија, Албанија, Србија, Косово, Хрватска и Словенија ќе дискутираат за предизвиците со кои се соочуваат истражувачките новинари од регионов.

Имаме и повеќе филмови кои се дел од фестивалската програма меѓу кои и („Газда“) кој се занимава со приватизацијата во Хрватска, („Пајаковата мрежа; Второто кралство на Велика Британија“) со затајувањето данок во Велика Британија, со криволовот на птици во Србија („Рамнина без птици?“), проблемот со загадувањето („Црни бели дробови“ и „Загадување: Скопје го стигна Пекинг“), како и опстанокот на печатените медиуми во дигиталниот свет („Новинарство по ново, новинарство по старо“).

Имаме и неколку работилници на Британецот Крег Шо кој ќе зборува за значењето на фриленс истражувачкото новинарство, Дарио Јуричан од Хрватска за crowdfunding финансирање на истражувачки филм, Роб Монтгомери кој ќе одржи работилница за нискобуџетни документарци снимени со мобилен телефон и Италијанката Барбара Скјавули ќе ја сподели својата приказна како долгогодишна фриленс воена репортерка.

На фестивалот за прв пат ќе имаме и гостин од Велес, Антонио – 19-годишен тинејџер, кој работел во индустријата за лажни вести и јавно ќе говори за тоа на дебатата посветена на лажните вести.

Верувате ли дека вакви фестивали ќе помогнат за поголем интерес за истражувачките стории во медиумите?

Дефинитивно. Не само за популаризација на истражувачкото новинарство туку и за зголемување на професионалноста во медиумите и отворање на нови видици кај новинарите, особено кај помладите и кај оние кои можеби се уште се мислат дали вреди да станат новинари.

Освен тоа, сметаме дека фестивалот ќе влијае и на свеста кај јавноста за голем број на теми кои се актуелни и од интерес не само за луѓето од медиумскиот свет, туку и за сите оние кои имаат интерес за теми како феноменот на лажните вести, свиркачите, новите трендови во дигиталниот свет и медиумите, документарниот филм итн.

Како ја отценувате состојбата со истражувачкото новинарство кај нас?

Во Македонија истражувачкото новинарство е релативно понова појава, ако се споредиме со земји со повеќе децениската традиција на истражувачко новинарство, како САД на пример.

Истражувачкото новинарство во Америка има заслужено место во нивната историја, особено после Вотергејт или пак случаи како оној со свиркачите од 1971 кои провалија во ФБИ за кои преку Скајп ќе говори една од нашите гости на фестивалот, новинарката и писателка Бети Медсгер.

Иако последниве години, важеа за едни од најрепресивните и задушувачки за новинарството и медиумите во историјата на земјава, сепак мислам дека на некој чуден начин, изродија одлични новинари и стории, чиј квалитет можеше да се спореди со стандардите во многу светски медиуми.

Проблемот е што овие новинари не се многу (споредено со бројката на луѓе кои работат во медиумите) и не сум сигурна колкаво е нивното влијание и дали преовладуваат во мејнстрим медиумската атмосфера, иако и таму се чини дека работите се движат кон подобро.

Истражувачкото новинарство освен што бара финансиски средства, уште повеќе бара време, а дури и кога ќе се најде првото, кај нас доста од менаџерите и уредниците немаат разбирање за второто.

Лично сметам дека долгорочно е подобро оние кои се бават со ваков вид истражувања или анализи, да се посветат на тоа, наместо истовремено да работат и како дневни новинари, што исто така бара многу време и енергија.

По смената на власта, се чувствува еден вид ослободување во многу сфери во општеството, па веројатно тоа ќе влијае и во медиумскиот сектор, со што се надевам дека квалитетот на новинарството и медиумите конечно ќе започне да оди во нагорна линија.

Мислам дека токму сега е време за нови иницијативи во медиумите кои може да се обидат да покажат поинаков пристап од она што е достапно за јавноста како новинарски производ или медиумски настан или во моментот.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

Најчитани вести