Светски познати ѕвезди на новото музичко издание на Tripnotic

282 Views Ноември 4, 2017 Забава Никола Осило

Македонскиот електронски проект Tripnotic, зад кој стои продуцентот и диџеј Емил Хаџи-Панзов го објави своето ново музичко издание. EP-то со наслов Trip Naughty е прво во низата изданија кои ќе излезат во текот на следните месеци и ќе бидат своевидна најава за албумот што ќе се појави во втората половина на следната година.

Trip Naughty претставува стилско скршнување на Tripnotic во неочекуван правец и е веројатно неговата најкомерцијална песна досега. Станува збор за необична комбинација на moombahton и electro, а спојот на електроника со рап го прави подеднакво интересен за фановите на двата музички жанра.

На изданието Trip Naughty, Хаџи-Панзов го придружува екипа од докажани музичари од светската хип-хоп и електронска сцена. За вокалите на песната е задолжена њујоршката раперка Rell Rock, која е најмногу позната по светскиот хит Keep It Movin', што го сними заедно со Stanton Warriors, а беше објавен за NEST, издавачка куќа во сопственост на Skrillex.

На EP- то, покрај оригиналот, се наоѓаат и два ремикси, потпишани од две легенди на електронската музика. Трип-хоп ветеранот Jon Kennedy ја преработил песната во неговиот препознатлив манир, балансирајќи на границата помеѓу хип-хоп и трип-хоп и притоа потсетувајќи нè на златните времиња на двата жанра. Драменбејс визионерот Lynx, пак, создал сопствено футуристичко видување на Trip Naughty, во кое наследството од Full Cycle и Hospital звукот го измешал со најсовремените продукциски тенденции.

Песните од ова издание веќе се вртат на повеќе светски радио станици, а оригиналот го искористи американската мрежа VH-1 за телевизиското промо за новата сезона на шоуто Black Ink: Chicago.

Trip Naughty на Tripnotic feat. Rell Rock е 148 издание на Filter Label и ќе биде достапно за слушање и симнување преку сите светски дигитални музички сервиси.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!