Хрватска им нуди станови на лекарите за да останат во земјата

4771 Views Ноември 8, 2017 Балкан Редакција Емагазин

Пренесено од Нова економија - Белград

Во последните четири години Хрватска ја напуштија 565 лекари, поради што се подготвува мерка за решавање на станбеното прашање на дефицитарните високообразовни кадри.

На пациентите им е добро, но на директорот на болницата во Сисак не му е добро, бидејќи му недостигаат лекари. Некои заминале во странство, некои во Загреб, некои во пензија. Лекари позајмува од другите установи.

- Имаме потреба барем од двајца-тројца радиолози, а веќе неколку години не ни се јавува никој за специјализација по инфектологија, и пулмологија, изјави Томислав Дујменовиќ, директор на општата болница „др.Иво Педишиќ“ во Сисак.

Се планира да се обезбедат станови во близина на болницата во Сисак и во Петриња, со помош на жупанијата и да им се понуди на лекарите целосно бесплатно снестување или со минимален надомест.

- На овој начин ги повикувам сите лекари кои сакаат да специјализираат, кои сакаат да работат, да дојдат во нашата болница. На секој начин ќе им овозможиме овде да се чувствуваат добро, а притоа и да решат некои свои животни проблеми, рече Дујменовиќ.

Ова што веќе се прави во Сисак наскоро би можело да се прави и во цела Хрватска. Во Министерството за градежништво се подготвуваат измени на Законот за општествено поттикната станбена изградба со што би се решило прашањето на дефицитарен кадар во јавните служби.

- Со предлогот ќе се овозможи бесплатен престој додека им трае службата, изјави Жељко Ухлир, државен службеник во Министерството за градежништво.

Ова мерка приоритетно ќе се однесува за послабо развиените средини. На ваков начин, покрај лекарите, се планира да се задржат и кадрите во културата, научниците, наставниците.

- Особено наставниците кои предаваат предмети како математика, природни науки, јазици, кои се дефицитарни во некои делови на Хрватска. Важно е да има вакви мерки кои позитивно влијаат на младите луѓе да останат, изјави Блаженка Дивјак, министерка за наука и образование.

Програмата треба да започне во првата половина следната година. Дел од становите за оваа мерка веќе се подготвени, а дел треба да почнат да се градат.

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови