Шестемината пратеници дојдоа на распит, според Мукоски нема правна основа за притвор

Пратениците Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Љупчо Арнаудов и Сашо Василевски денеска дојдоа во Кривичниот суд на распит пред судија на претходна постапка за насилствата во Собранието од 27 април годинава.

Куса изјава за медиумите пред влегувањето во судот даде само пратеникот Мукоски, кој рече дека правно гледано, според него, нема аргументи за притвор, но, како што наведе, остава на судот да одлучи за тоа и верува во него.

Шестемина пратеници пред судот ги пречекаа и неколкумина нивни колеги од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за да им изразат поддршка.

Шестемина пратеници се дел од 36-те лица кои Основното јавно обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со настаните од 27 април годинава во Собранието на Република Македонија.

Во петокот, Собранието на Република Македонија им го симна имунитетот, а известувањето до Кривичниот суд од Парламентот пристигна вчера по што тоа беше доставено на надлежните судии на претходна постапка, со што се создадоа услови да се постапува по предлогот на обвинителството.

Извор/фото: МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.