Сибил Зутер, Амбасадор на Швајцарија: Многу сум горда на фактот што Швајцарија 25 години обезбедува поддршка за Македонија

Сибил Зутер, Амбасадор на Швајцарија во интервју за еМагазин зборува за досегашната поддршка од Швајцарија за нашата земја и ефектите од истата, туристичките потенцијали и убавините на Македонија, Швајцарска стратегија за соработка 2017 – 2020...

Швајцарија го подржува развојот на Македонија веќе 25 години. Според Вас, кој е најефективниот проект кој го имате спроведено?

Многу сум горда на фактот дека Швајцарија обезбедува поддршка за Македонија толку долг период. Постигнавме многу во последните 25 години. Придонесовме кон зајакнувањето на граѓанското општество, ја намаливме загаденоста на Преспанското езеро и создадовме над 1.000 работни места годишно, од кои поголемиот дел за лицата од најранливите групи.

Која е движечката сила за подржување на Македонија во овој долг период и дали ќе продолжите со истата?

Солидарноста кон светот и чувството на одговорност се вредности од суштинско значење за Швајцарија. Тие се дел и од нашиот Устав. Дополнително, имајќи ја предвид географската блискост, во интерес на Швајцарија е Македонија да се развие во инклузивна, просперитетна и демократска држава. Долгогодишната поддршка кон Македонија ќе продолжи и во следните години – како што е предвидено со новата Стратегија за соработка.



Неодамна ја промовиравте новата Швајцарска стратегија за соработка 2017 – 2020. Која е нејзината цел и како ќе биде имплементирана?

Ќе продолжиме да ја подржуваме Македонија во процесот на реформите и во исполнувањето на европските стандарди, како и да изгради социјално инклузивна демократија и пазарна економија, истовремено обезбедувајќи ефикасно управување со природните ресурси.

За да го постигнеме ова соработуваме со националните и локалните власти, како и со граѓанските организации, затоа што тие ги претставуваат потребите и желбите на луѓето. Воедно, ги негуваме партнерствата со приватниот сектор како вектори за развој и иновации. Нашата поддршка, главно, се обезбедува преку проекти што ги спроведуваат локални и меѓународни организации.

Кој е најголемиот приоритет за новата Швајцарска Стратегија за соработка и колку ќе биде ефикасен?

Новата Стратегија за соработка е продолжување на Швајцарската поддршка во Македонија од претходните години. Главните приоритети остануваат исти, но сега ќе се прошират во неколку области – инфраструктура, кадешто главниот фокус ќе биде на управување со цврст отпад, како и превенцијата на поплави.

Граѓаните се секогаш клучниот аспект на нашите напори, а сега ќе го зголемиме нашиот фокус кон решавање на потребите на најранливите групи на граѓани во Македонија, затоа што веруваме дека не постои вистински просперитетно општество кое не е инклузивно општество.



Кои се, според Вас, клучните приоритети на кои Македонија треба да се фокусира моментално?

Одредувањето на приоритетите најмногу зависи од властите и граѓаните. Но, јас гледам значајни потреби во зголемување на транспарентноста и одговорноста на институциите, како и вклучување на најранливите граѓани во општеството. Сведоци сме на напредок во овие области, но за тие да се решат целосно, ќе биде потребна долгорочна посветеност и напор. Покрај властите, искрено верувам дека граѓанското општество и приватниот сектор имаат значајна улога за решавање на овие потреби.

Амбасадорот е претставник на цела држава и тоа сигурно не е едноставна задача. Мора да се посветите на имплементацијата на стратегијата и да ги спроведува дипломатските одговорности. Како наоѓате време да го балансирате Вашиот професионален и личен живот?

Рамнотежата помеѓу работата и животот е најважна за одржување на здравјето и благосостојбата, но и да се остане продуктивен на работа. Можеби е само Швајцарско верување и, но сметам дека деталното планирање е клучно за остварување на рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот. Воедно, благодарна сум што можам да се потпрам на многу посветен и професионален тим во Амбасадата.

Многу млади лица само што започнуваат со работа и имаат проблеми со стрес на работно место. Имајќи ги во предвид Вашите одговорности и природата на Вашата работа, имате ли некој совет за нив? Имате ли некое хоби или нешто слично што Ви помага да го намалите стресот од работа?

Обожавам планинарење и ски туринг – кога сум во природа ги „полнам батериите“, посебно по интензивните и стресните периоди. Многу сум среќна што Македонија нуди одлични места за да ужива во овие страсти, како Пелистер, Маврово, Галичица, и други.

Во однос на туризмот, Македонија може да понуди многу повеќе од она што многумина мислат!

Прашање за еден интересен факт за Швајцарија. Вашата држава е една од две во светот кои имаат знаме во форма на квадрат. Може ли да ни кажете зошто е тоа така?

Не сте првите кои се прашуваат зошто! Всушност, потеклото на Швајцарското знаме датира уште од 14от век, кога Швајцарските војници го носеле белиот крст на нивната облека. Бидејќи знакот на облеката бил во форма на квадрат, и знамето ја добило таа форма.

Официјалното знаме на Швајцарската Конфедерација, како што го знаеме денес, датира уште од 1848 година, кога било официјално усвоено како национално знаме и станало дел од Швајцарскиот Устав. Интересен факт е дека, не само националното знаме, туку и знамињата на сите 26 кантони и повеќе од 2.000 општини се во форма на квадрат.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Коментари

Тагови

Најчитани вести