Над 1.000 „бомби“ ќе бидат доказ и во случајот „Титаник“ на СЈО

Апелацискиот суд во Скопје одлучи повеќе од 1.000 прислушувани разговори да се користат како доказ на судењето за случајот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Одлуката доаѓа по вчерашната јавна седница во судот, на која се расправаше по жалбата на СЈО на решението на Кривичниот суд од 20 октомври, со кое прислушуваните разговори, т.н. „бомби“, беа издвоени од доказниот материјал за овој случај.

Поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, обвинети во случајот, на седницата рекоа дека се жртви на прислушувањето и побараа „бомбите“ да не се користат како доказ, бидејќи ќе се создаде правна несигурност.

Случајот „Титаник“ се однесува на изборни нерегуларности и во него се обвинети и поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Мартин Протугер, поранешниот генерален секретар на владата и на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски, и уште петнаесетина други лица.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.