Министерот Бекташи избега од новинарски прашања на пресот во Влада

1024 Views Декември 6, 2017 Бизнис Редакција Емагазин

Министерот за економија Крешник Бекташи на денешната прес конференција на која што ги презентираше активностите во енергетскиот сектор избега од новинарски прашања.

Освен сублимат од парите кои годинава се потрошени во рамки на програмите за субвенционирање на домаќинствата и дека истите ќе продолжат следната година, министерот не кажа колку средства за оваа намена ќе бидат предвидени следната година.

Бекташи информираше само дека Министерството за економија и наредната година ќе продолжи со субвенционирање на граѓаните кои ќе вградат сончеви колектори и ќе ги заменат старите дрвени со нови ПВЦ или алуминиумски енергетски ефикасни прозорци, а новина ќе биде субвенционирањето за купување печки на пелети за домаќинствата.

Тој информираше дека по ребалансот, Министерството за годинава добило 16 милиони денари за субвенционирање на вградување енергетски ефикасни прозорци, а субвенционирани се 1.327 повеќе корисници од лани. Во текот на годинава се субвенционирани и 1.794 граѓани кои вградиле сончеви колектори што е за над 1.000 повеќе од претходните години.

Тој кратко одговори на прашањето дали целосно ќе се укинат ограничувањата за продажба на алкохол, за што кажа дека преговорите се уште траат, а Министерството ќе предложи укинување на временската рамка за продажба.

Во однос на постапката за отворање на рудникот Казандол, Бектеши рече дека се испочитувани сите процедури, а за делот за загадувањето на животната средина, како што истакна, надлежно е Министерството за животна средина и просторно планирање.

Но, откако заврши прес конференцијата новинарите сакаа да постават прашања и за други теми. Министерот едвај одговори на неколку прашања и кога новинарите побараа да постават уште, портпаролот на министерството, Наим Вранези, кажа дека нема да бидат дозволени повеќе прашања и министерот си замина.

Фото: МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.