Заев повеќе работи надвор, отколу дома: За шест месеци остварил 15 посети во странство

Премиерот Зоран Заев, за шест месеци откако ја предводи Владата остварил 15 посети во странство. Дел од нив официјални посети на земји, дел од посетите се учество на бизнис форуми и конференции, а дел биле наменски средби како дел од заложбите за добивање на поголема странска поддршка за евроинтеграциските и евроатлантските процеси за Македонија.

Неговата прва посета му беше во Брисел каде што се сретна со високи европски претставници, а последната средба му е денеска во Софија, Бугарија каде што ќе учествува на Меѓународна конференција „Посилна регионална интеграција на Балканот“ во организација на Светска банка.

Тој во во Софија пристигна директно од Брисел каде што во изминатите два дена имаше средби со врвот на ЕУ. 

Овој месец премиерот Заев имаше најнабиена агенда. Тој на 26. ноември беше во Будимпешта на Самитот на шефови и влади на земјите од ЦИЕ плус Кина.

Се сретна со унгарскиот премиер, Виктор Орбан и со премиерот на Кина, Ли Кечијанг, а оствари средби и со кинески компании за соработка со Македонија. 

На 21. ноември пак беше во официјална посета на Србија каде што оствари средби со претседателот Александар Вучиќ и со премиерката Ана Брнабиќ каде разговараа за зголемување на соработката меѓу двете земји.

Два дена претходно на 18 ноември Заев беше во Сараево на конференција за Обнова на левицата во ЈИЕ. Таму се сретна со претстедавачот на Советот на министри, Денис Звиздиќ. 

Четири дена претходно беше во официјална посета на Словенија каде што се сретна со државниот врв. Во дводневната посета на Словенија се сретна со претседателот,Борут Пахор и со премиеот, Мирко Церар.

На седми ноември беше дел од Виенскиот економски форум и се сретна со австрискиот премиер, Себастијан Курц.

Месецот ноември го започна со дводневна посета на Црна Гора каде присуствуваше на регионалната еконмска конференција, а оствари средба со Мило Ѓукановиќ и со премиерот, Душко Марковиќ.

Од 19 до 25. септември премиерот беше во петодневна посета на САД каде што присуствуваше на Генералното собрание на ОН.

Тој таму оствари низа средби со светски лидери. Меѓу другите се сретна и со еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, со високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, со Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, со словачкиот министер за надворешни работи, Мирослав Лајчек.

Од втори до четврти септември Заев беше во дводневна официјална посета на Израел каде оствари средби со израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху и со претседателот, Рувен Ривлин.

На 26 септември беше во Драч, Албанија на неформална средба на претседатели на влади на земјите од Западен Балкан.

На втори август Заев беше во Подгорица на Самитот на земји од Јадранската повелба, каде што се сретна со потпретседателот на САД, Мајк Пенс.

На 24 јули заедно со висока владина делегација беше во официјална посета на БиХ и ги посети Мостар и Сараево, а се сретна и со претседавачот на Претставничкиот дом при Парламентарното собрание на БиХ, Шефик Џаферовиќ и со и претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.

На 12 јули пак исто така заедно со висока владина делегација, Заев беше на Самитот на Западен Балкан кој што се одржа во Трст, Италија и оствари билатерални средби со албанскиот премиер, Еди Рама, со српската премиерка Ана Брнабиќ, а се сретна и со германската канцеларка, Ангела Меркел.

На 20 и 21 јуни беше во офиицијална посета на Бугарија за договорот за добрососедство и оствари средба со премиерот, Бојко Борисов и претседателот, Румен Радев.

Првата надворешна посета откако стана премиер на Заев беше во Брисел каде што се сретна со претседателот на Европскиот совет, со Федерика Могерини, Јоханес Хан, како и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Што сите овие средби ќе и донесат на Македонија допрва ќе видиме.

Фото: Влада

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.