Половина плата за новогодишната трпеза

Почнува предновогодишната еуфорија. Полните трговски центри и супермаркетите, полека навестуваат дека пристигува најлудата ноќ во годината. Таа најмногу ќе „удри“ на паричниците кои предпразнично ќе се истенчат за да се подготви се за дочекот на Новата година.

Според македонската традиција, секој според длабочината на својот џеб ги слави божиќните и новогодишните празници. Скоро во секој дом се подготвува богата празнична трпеза, пакетчиња за децата и подароци за најбликите.

Со денешново темпо на живот кога се се купува, крајната годишна сметка во повеќето семејства е поголема од буџетот на нивните приходи.

Според математиката на домаќинките, почнувајќи од сармички, мевце, руска салата, кифлички, разни колачиња и торти и плус пијалоци го чинат домашниот буџет не помалку од 10.000 денари, што е приближно на половина или речиси цела македонска плата.

Имајќи ја предвид и малата куповна моќ на граѓаните, трговците овие денови покрај снижувањата, на потрошувачите им понудија и примамливи понуди за одложено плаќање се со цел да се да им се излезе во пресрет на граѓаните, кои ги чека месецот јануари, најдолгиот и најмачниот.

Според пресметките на супермаркетите, просечните дневни сметки на граѓаните во предновогодишните празници се минимум 5.000 денари. А, тоа е само за набавка на основните продукти. Граѓаните најмногу купуваат месо и сувомеснати производи, сирење, млечни производи, чоколади и секако алкохол и други пијалоци.

Ова сепак е најевтиното сценарио за прослава на празниците во домашен амбиент.

Ако пак решите да ја прославите најлудата ноќ во некој ресторан, тогаш ќе ви требаат уште најмалку 5.000 денари, со вклучена тоалета за само неколку часа.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.