Подзаборавено богатство: Над три милиони книги и изданија во НУБ „Св. Климент Охридски“

1386 Views Декември 7, 2017 Македонско Никола Осило

Националната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ денеска го одбележа патронатот со повеќе активности. На настанот беа доделени традиционалните награди за вработените во библиотеката, делегации од Владата положија цвеќе пред споменикот на св. Климент во дворот на НУБ, а пригодно се обратија и министерот за култура Роберт Алаѓозовски и в.д. директорката на НУБ Сенка Наумовска.

Министерот истакна дека богатата библиотекарска традиција на нашите простори, чии корени досегаат до делото на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј, е темелот врз кој НУБ се гради и ја развива својата дејност.

„Од библиотечниот фонд кој во 1944 година изнесувал околу 150.000 библиотечни единици, НУБ постојано се развиваше и ги надградуваше своите капацитети. Библиотеката денес е водечки извор на материјали во истражувачката дејност, депозитна библиотка и една од предводниците во дигитализацијата на книжното богатство на земјава, со фонд на изданија што содржи над три милиони единици“, рече Алаѓозовски, додавајќи дека НУБ е столбот на македонскиот идентитет и е продолжување на мисијата на свети Климент.

Покрај денот на св. Климент кој е патрон на НУБ и 73 години од нејзиното основање, библиотеката денеска одбележа и 50 години од поставувањето на камен-темелникот на објектот во кој е сместена односно 45 години од вселувањето.

В.д. директорката Сенка Наумовска соопшти дека НУБ работи на дигитализација на значајни збирки од нејзините фондови и ќе биде фокусирана во наредните години затоа што дигитализацијата е иднината на библиотекарството. Се дигитализираат ретки книги и стари ракописи, филмотечниот материјал, збирката ориентални ракописи...

Патронатот на НУБ беше одбележан и со омаж за 110 години од раѓањето на еден од нејзините најдолгогодишни директори, Митко Зафировски, кој ја раководел институцијата од 1951 до 1973 година. Сеќевања за него раскажа Светлана Марковиќ, поранешен библиотекар во универзитетската библиотека.

Фото: Министерство за култура

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!